Во долненско Дупјачани првпат се гради црква со осветени темели „Христово Воскресение“
- На 17-тина километри од Прилеп, во мултиетничката општина Долнени, непосредно пред Небрегово, родното село на Конески, е селото Дупјачани. Има 120-тина жители, има пат, вода и струја, ама нема осветена црква. Во денешно време необично, ама веста дека жителите за првпат, официјално градат црква го привлече вниманието. И чудењето. Каде се чуло и видело село без црква?

Долнени, 19 април (МИА) - На 17-тина километри од Прилеп, во мултиетничката општина Долнени, непосредно пред Небрегово, родното село на Конески, е селото Дупјачани. Има 120-тина жители, има пат, вода и струја, ама нема осветена црква. Во денешно време необично, ама веста дека жителите за првпат, официјално градат црква го привлече вниманието. И чудењето. Каде се чуло и видело село без црква?
Средбата со жителите е токму на ридот, пред новата и прва црква со осветени темели. Се воздигнува „Христово Воскресение“. Во Прилепско има само една црква „Христово Воскресение“. Во Алинци. Оваа во Дупјачани е втора. Недоизградена. Чувството е поетско. Како „Градење црква“ на Конески. Од соседното Небрегово.
Жителите се радосни, подготвени за Велигден. И за разговор. Неминовно, првото прашање до „кметот“ на селото (претседателот на месната заедница) Петре Димоски е зошто селото кое во околината има богати предисториски и антички локалитети, со 100-годишно опстојување под името Дупјачани, досега немало официјално осветена црква.
- Официјално, селово немало црква. Можеби зашто блиски се селата Небрегово, Десово, па жителите оделе таму за венчавки и крштевки. Или, можеле да стигнат до Прилеп. Имам 68 години и јас, заедно со жителите, затекнав дел, остатоци од градба, ама неосветена. Таму се палеле свеќи. Па, решивме да изградиме црква. Се договоривме, формиравме одбор. Собравме пари од селото, некои донираа надвор од селото. И до каде дојдовме? Еве, ја подигнавме црквата „Христово Воскресение“. Па како ќе можеме, така ќе ја завршиме, објаснува Петре Димоски.
За да се гради црква жителите во селото барале уште пред 30 години. МПЦ инсистирала да биде на нови темели.
- Во прилепскиот архив ги побаравме старите „тапии“. Оттаму ни рекоа дека црквата си го носи името – „Воскресение Христово“. И така, нашава црква си е - Велигден. Така ќе си остане. Тоа била селска слава. Оти, порано Горно Село и Дупјачани биле едно село. Но селската слава од Велигден, втор ден, се сменила кога почнале овде да се населуваат од Охридско. И, за да може да им доаѓаат гости, „ја зеле“ славата на Свети Илија, раскажува Димоски.
Темелите на црквата ги осветил владиката Петар, лани, на 16 јуни. Досега градбата е подигната. Жителите ги чека многу работа за уредување на олтарот, на целата внатрешност, а и на живописувањето.
Жителите се дел сточари, уште повеќе тутунари. Имаат, велат, убав соживот во мултиетничката општина Долнени. Кога го барале местото за црквата, Општината експресно им помогнала. А стигнале и понудите за донации од муслиманското население.
- Долнени е со мултиетничко население. Многу убаво сите заедно живееме. И христијани и муслимани. За празникот ни доаѓаат дома. Ги почестуваме, чест ни прават. Ама и ние за нивните празници, за Бајрам, им одиме на гости. Имам големи пријатели меѓу нив. Дури и поголеми. Срцето ми е полно, зашто тие, меѓу првите, се нудат да дадат за изградба на црквата. Кога седевме на заедничка маса и ја споменав изградбата на црквата, веднаш дадоа донација. Пријателите од Десово, од Лажани, од Канатларци. И од Општината, веднаш ни излегоа во пресрет за земјиштето кога сфатија дека ќе градиме црква, емотивно вели Петре Димоски.
Драган Белокоски од Дупјачани на 90 години е меѓу најстарите жители. Ги памети поранешните времиња, сака да ги посоветува сегашните генерации.
-Паметам кога бевме повеќебројни. Иако посиромашни, ама заедно живеевме. На Велигден постојано сум овде, на местото каде се гради црквата. За нас многу ќе значи. Е, на Велигден кога ќе се соберевме, имаше многу народ, се присеќава Белокоски.
Киро Цветаноски, жител на Дупјачани носталгично се присетува на времињата, ама е и категоричен. Денес добро се живеее.
- Имам 85 години. Ги паметам и добрите и лошите животни времиња. Паметам за славата на Велигден многу народ имаше среде село. Ги одржуваме адетите, одиме на гости. Иако, некогаш беше многу повесело и поживо. Ама сега, луѓето имаат пари, добар е животот. Некој работи тутун, друг чува овци, добро е. А црквата многу значи за селото, за православната вера. Тоа е голема работа, вели Цветаноски.
Нема голема миграција во Дупјачани. Можеби зашто инфраструктурата е добра, па врските со градот се непречени. Прославата на Велигден и овојпат е полна со адети како досега.
-За Велигден имаме убави адети. Изутрината, на Велигден, црвено јајце мора да има. Некој има јагнешко на трпезата, другј како што може. Си доаѓаме овде, крај црквата е гробиштата, си запалуваме свеќи, жените „си раздаваат“ на гробните места, а потоа во трпезаријата, крај гробиштата, се собираме за Велигденски ручек. А кога ќе ја обновиме црквата, сакаме да си пречекуваме гости. Дали тоа ќе биде на втор ден Велигден, ќе се договориме. Сега, кога ќе добиеме црква – чувството е како да си се преродил. Поубаво од тоа нема. Затоа, работиме, собираме пари и ќе ја изградиме црквата, вели радосно претседателот на месната заедница Петре Димоски.
Многу им помага парохискиот свештеник Лазар Колевски, надлежен за целата општина Долнени. Тој е секогаш со жителите. И при поддршката за изградбата на црквата, ама и за животните совети.
-Благодарение на месното население и разбирањето што го имавме и со помладите и со месната заедница, оформивме Иницијативен одбор. Заедно, успеавме местото што беше на Р.М. и на општина Долнени да го префрлиме на МПЦ и на 16 јуни лани, 2024 година, со благослов на владиката Петар ги осветивме темелите и стигнавме да ја подигнеме црквата со донации на населението и на други донатори. Досега, Фала Богу, се гледа дека се изгради црквата. Но уште се потребни финасии за да се уреди, да се насликаат ѕидовите, да се среди олтарскиот дел. Кој како и колку милува може да помогне. Нас свештениците нѐ бараат за секаква мака. Освен со обредите, помагаме во секојдневното живеење. Ние сме и свештеници, и психолози, и родители, вели со татковска грижа отец Лазар.
Дупјачани зад себе ја има богатата повеќевековна историја. Од прилепскиот музеј објаснуваат дека наоколу има неколку локалитети. Дупјачани, а и Горно Село го зафаќаат северното подножје на Трескавец. Тие се во долниот дел од античката населба Колобаиса. На неколку локации во поширокиот простор има 10 гробници, издлабени во карпа. Единствен е локалитет кај нас со голема концентрација на ваков тип гробници.
А жителите ги раскажуваат легендите, дека селото го добило името Дупјачани токму поради вдлабените гробници во карпа.
Сега живеат во радосно исчекување дека првпат ќе добијат осветена црква „Христово Воскресение“.
Велат – пречекот на најрадосниот празник – Велигден, ќе биде повеличествен. И подуховен.
Елизабета Митреска
Фото: МИА