• недела, 22 декември 2024

Во Делчево се слави ликот и делото на народниот херој Ванчо Прке

Во Делчево се слави ликот и делото на народниот херој Ванчо Прке

Делчево, 21 мај 2024 (МИА) - Со свечена академија на која беа доделени награди на литературниот конкурс „Разбој од стихови за Татковината" делчевското основно училиште „Ванчо Прке“ го одбележа патрониот празник. Училиштето годинава навршува 51 година од првиот училиштен час и оттогаш до денес, како што истакна директорот на училиштето Горан Велков, е дом на многубројни успешни генерации кои учеле во ова училиште.

-Педесет и една година постоење е сериозна бројка во која младоста и зрелоста се обединуваат за успешно и просперитетно училиште за постигнување на одлични резултати. Наша цел е да градиме современо иновативно и отворено училиште за промени и развој кое може да одговори за промени и развој. Драги наши ученици во овие бурни времиња докажавте  дека образоването е најмоќното оружје за докажување пред светот, рече Велков.

Во рамки на Свечената академија учениците подготвија пригоден реферат за животот и делото на својот патрон, кој бил еден од најпознатите организатори на НОБ на овие простори.

Во рамки на патрониот празник на училиштето денес беа организирани и спортски натпревари, како и ликовна изложба со мотиви на слободна тема. Настанот заврши со прием за првите генерации учители кои предавале во ова училиште.

ООУ „Ванчо Прке“ од Делчево е деветгодишно училиште кое ги опфаќа учениците од населбите „ Прв, Втор и Трет реон“, „Расадник“, „Басарица“  „Стар Монопол“ и дел од населбата „Ново Делчево“ како и учениците во подрачните училишта од населенети места Габрово и Звегор. Годинава во училиштето како што информираа од деветолетката е намален бројот на првачиња, бројка која очекуваат да се зголеми до крајот на учебната година. вс/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан