Во галерија КО-РА отворена изложбата на Валентина Илијевска „Горни и долни усни“
- Самостојната изложба на Валентина Илијевска насловена "Upside Down Lips" или „Горни и долни усни“ е отворена вечерва во малиот салон на Галерија „КО-РА“.
Скопје, 1 октомври 2021 (МИА) - Самостојната изложба на Валентина Илијевска насловена „Upside Down Lips" или „Горни и долни усни“ е отворена вечерва во малиот салон на Галерија „КО-РА“.
Изложбата ја отвори историчарката на уметност, Виолета Калиќ, која истакна дека станува збор за дел од истражувачкиот проект со кој уметницата иницира интеракција со публиката преку повеќе разнородни форми на комуникација и перцепција на контроверзниот предмет на опсервација и неговата интерпретација со цел осознавање на автентичното во доживувањето на публиката.
-Пораката воедно е провокативна и многузначна и нé соочува со повеќе парадигми и парадокси, контроверзи и сегменти на хипокризијата во човековата природа и спознавањето на сопстеното тело, сопствената сензуалност и начинот на кој го акцептираме и интерпретираме еротичното како неразделен сегмент од нашата, често длабоко потисната или загубена во лавиринтите на псевдо нормите многуслојна битова природа, вели меѓу другото Калиќ, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Ј.У. Домот на култура „Кочо Рацин“.
Валентина Илијевска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ)- Скопје, оддел графика и графички техники во класата на проф. Мирко Вујисиќ со насока на конзервација и реставрација со проф. Невенка Величковска и Момчило Трајковски. Магистрирала конзервација и реставрација на ѕидно сликарство во класа на проф.Благоја Кузмановски. Од 2012 година е член на ДЛУМ, од 2017 година е член на ИКОМОС, а член е и на групата Луцидо во БиХ.
Од 2000 година учествува на неколку изложби и ликовни работилници, а од 2010-2019 година е дел и на повеќе ликовни колонии како низ државата така и надвор од неа; Србија, БиХ, Словенија, Египет, Полска, Романија и др.
Во 2011 година ја реализира првата самостојна изложба, по што следат уште неколку самостојни изложби и надвор од државата. Како член на ДЛУМ заедно со колегите учествува скоро на сите предвидени изложби и проекти од ДЛУМ. Добитник е на неколку престижни награди при ДЛУМ. Живее и работи во Куманово како конзерватор и реставратор при Кумановско-Осоговска Епархија во дел за заштита на културното наследство. вг/лв/