Во Габон денеска се одржуваат претседателски избори, први по државниот удар во 2023 година
- За фаворит се смета актуелниот лидер на земјата, генерал Брис Олигуи Нгуема, кој го предводеше пучот против неговиот братучед Али Бонго Ондимба. Меѓутоа, тој беше критикуван за неговите врски со поранешниот режим. Неговиот главен противник во трката е поранешниот премиер Ален Клод Били Би Нис.

Либрвил, 12 април 2025 (МИА) - Гласачите во Габон денеска излегуваат на гласачките места на првите претседателски избори по воениот удар пред повеќе од една и пол година, јави ДПА.
Со ова гласање, земјата богата со ресурси повторно ќе биде управувана од цивилна влада, по изборите во август 2023 година. Долгогодишната политичка династија беше соборена со државен удар.
За фаворит се смета актуелниот лидер на земјата, генерал Брис Олигуи Нгуема, кој го предводеше пучот против неговиот братучед Али Бонго Ондимба. Меѓутоа, тој беше критикуван за неговите врски со поранешниот режим. Неговиот главен противник во трката е поранешниот премиер Ален Клод Били Би Нис.
На изборите учествуваат вкупно седум мажи и една жена, а резултатите се очекуваат во наредните денови.
Семејството Бонго, кое владееше со поранешната француска колонија во Централна Африка од 1967 година, е обвинето за корупција. Голем дел од населението на Габон од 2,5 милиони го прослави пучот и го сметаше за ослободување од клептократијата. Жителите на Габон главно живеат во сиромаштија и покрај природното богатство на земјата, забележува ДПА.
Според податоците на Светска банка, речиси 40 отсто од младите во Габон се невработени.
Според новиот устав, претседателскиот мандат трае седум години и може да се продолжи само уште еднаш.
Според националната новинска агенција, претставници на ЕУ пристигнаа во земјата за да ги набљудуваат изборите.
Од 2020 година во Африка имаше девет воени удари, речиси сите во поранешните француски колонии во Западна и Централна Африка. Оттогаш, воените совети со преодни влади се на власт во Мали, Буркина Фасо, Нигер и Гвинеја, а изборите се уште не се закажани.сд/
фото:ЕПА