Во Владимирово претставени кандидатот на СДСМ, за градоначалник Илија Рунтевски и кандидатите за советници за Локалните избори во Берово
- Во својот настап, кандидатот на СДСМ најави реализација на повеќе капитални проекти – изградба на канализациона мрежа и прочистителна станица во туристичката населба Беровско Езеро, реконструкција на кино-салата, уредување на речното корито на Брегалница со пешачка патека, реконструкција на старата гимназија во спортски центар, како и нови урбанистички планови за привлекување инвеститори.
Берово, 30 септември 2025 (МИА) - Со промоција на кандидатот за градоначалник на Општина Берово, Илија Рунтевски, и претставување на кандидатите за советници, вечерва во село Владимирово официјално започна кампањата на СДСМ и Коалицијата за локалните избори 2025.
Настанот се одржа во салата „Ванчо Чавдарски“, каде што Рунтевски го одржа својот прв предизборен говор, потенцирајќи ја симболиката на местото како симбол на упорноста и победничкиот дух на малешевскиот народ.
–Стојам пред вас не само како кандидат за градоначалник, туку како сосед и пријател кој со срце и душа го сака нашето Берово. Верувам во неговиот потенцијал и заедно со вас ќе го направиме модерен, инклузивен и безбеден град, истакна Рунтевски.
Во својот настап, кандидатот на СДСМ најави реализација на повеќе капитални проекти – изградба на канализациона мрежа и прочистителна станица во туристичката населба Беровско Езеро, реконструкција на кино-салата, уредување на речното корито на Брегалница со пешачка патека, реконструкција на старата гимназија во спортски центар, како и нови урбанистички планови за привлекување инвеститори.
Особен акцент стави и на поддршката за младите, образованието, спортот и грижата за ранливите категории. Рунтевски најави субвенционирање на 50% од износот за престој на деца во градинката „23 Август“, финансиска поддршка за самохрани родители и еднократна помош за пензионери со минимална пензија.
„Оваа кампања е заедничка. Вашата поддршка е нашата сила, затоа што иднината не се чека – таа се избира,“ порача Рунтевски, повикувајќи на поддршка за број 5 на гласачкото ливче.
Носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата, Горан Ружински, во своето обраќање нагласи дека Советот ќе биде силен партнер на градоначалникот и граѓаните, со јасен фокус на транспарентност и отчетност.
– „Нашиот тим на советници е составен од луѓе со интегритет, кои досега покажале дека знаат да работат чесно и одговорно. Ќе бидеме сервис на граѓаните и ќе се залагаме за подобар животен стандард, инфраструктура и поддршка на сите населени места во Берово,“ рече Ружински.
Со митингот во Владимирово, СДСМ и Коалицијата официјално ја започнаа својата кампања за локалните избори во Берово. вс/нд/
Фото: МИА