• четврток, 26 декември 2024

Во Вирџинија од 2024 година слободно ќе се продава марихуана

Во Вирџинија од 2024 година слободно ќе се продава марихуана
Ричмонд, 28 февруари 2021 (МИА) - Претставниците на двата дома на Парламентот на американската држава Вирџинија гласаа за легализација на рекреативната консумација на марихуана од 2024 година, кога ќе започне и нејзината продажба. Предлог-законот, за да стане валиден, сега треба да биде потпишан од гувернерот Ралф Нортем, кој е демократ, јави Гласот на Америка. Така, Вирџинија стана првата јужна држава што ја легализира марихуаната во САД. Досега таа е легализирана во 15 сојузни држави и федералниот округ Колумбија. Предлог-законот беше еден од приоритетите на демократите, првенствено за да се спречи кривично гонење на припадниците на малцинските заедници за поседување марихуана, но компромисот со републиканците не беше лесен, потенцираат американските меидуми. Лидерката на мнозинството во државниот парламент Шарнил Херинг рече дека нацрт-законот не е совршен, но е фер. - Ова ќе го спречи пречестото апсење и осудување на Афроамериканците кои не користат марихуана повеќе од белците, но почесто се кривично гонети за тоа, посочи таа. Неодамнешна студија покажа дека црнците биле уапсени 3,5 пати повеќе од белците за поседување марихуана во периодот 2010-2019 година. Критичарите велат дека законот може да ја зголеми употребата на марихуана кај младите. Републиканците рекоа дека за такво клучно прашање не треба да се решава набрзина. - Мислам дека има само неколку членови на собранието кои навистина разбираат што опфаќа овој закон, рече лидерот на републиканското малцинство Томи Нормент. Според овој закон, од 1 јануари 2024 година ќе се легализира поседувањето на 28,3 грама марихуана, а од тој ден започнува и продажбата низ цела Вирџинија. Минатата година Парламентот на Вирџинија донесе одлука за декриминализација на поседувањето марихуана, односно казнување на оние што се фатени, со максимум 25 долари. Новиот закон, исто така, планира да пренасочи 30 проценти од данокот од продажба на марихуана во фонд што ќе им помогне на припадниците на малцинските заедници чии членови се уапсени или гонети за марихуана. Некои демократи се надеваат дека гувернерот Нортам би можел да побара легализацијата да почне порано. ссм/

Остани поврзан