• петок, 05 декември 2025

Во Вински музеј Кавадарци се одржа манифестација во чест на грозјето 

Во Вински музеј Кавадарци се одржа манифестација во чест на грозјето 

Кавадарци, 19 август 2025 (МИА) - „Богата Тиквешија - благословен род“ е манифестацијата што денеска се одржа во Вински музеј за регион „Тиквеш“. На настанот беше кажано дека организацијата е на оваа културна установа, во чест на празникот Преображение Господово, со поддршка на градоначалникот и локалната самоуправа. 

- Заедно пишуваме нова страница во културниот и духовниот живот на нашиот крај. Ова е настан за кој се надеваме, дека е само почеток на идна традиција што ќе се слави секоја година со единството, духот и вредностите што ги славиме. Преображението е празник на светлината, внатрешната промена, божествената вистина, но и почеток на жетвата, благослов на првиот плод и симбол на плодноста што нашата земја великодушно ја дава, рече директорката на музејот Елизабета Ристова. 

Таа додаде дека го организираат овој настан првпат, токму со намера да го вратат во фокус нематеријалното културно наследство, обичаите, духовноста и поезијата на народниот живот,  животот што расте на истата земја на која растат грозјето и стиховите, молитвата и љубовта.

- Со нас се вредните производители на грозје и друго овошје, кои со својата работа го претставуваат најдоброто од тиквешката земја. Свештенство, кое  потсети на длабокото духовно значење на празникот. Етнолог, кој  ја отвори вратата кон народната мудрост и традиција и поет, кој го овековечи духот на овој ден преку стихови. Овој настан е всушност повик за враќање кон вредностите, за слушање и зачувување на приказните и обичаите, за почитување на делото на нашите предци и визијата на нашите потомци, истакна Ристова.

Овој прв чекор, нагласи таа,  нека биде темелот врз кој ќе градиме нови слоеви на единство, култура и духовна сила секоја година.

- Благодариме што сте дел од нешто што сигурни сме ќе стане традиција на Кавадарци и сите што веруваат во важноста на корените, подвлече Ристова. 

За празникот говореа кустос советник етнолог Драгица Чекорова и свештеници,  а поезија читаше Мики Василов. 

Чекорова рече дека денеска православните христијани го празнуваат еден од највозвишените и најтаинствени празници-Преображение. 

- Овој празник е ставен меѓу дванаесетте најголеми празници. Самото име Преображение кажува дека станува збор за преобразување на природата, односно овој празник го најавуав на некој начин почетокот на есента и завршувањето на летото. Но, Преображение не е само спомен на историски настан, туку и повик кон сите верници на внатрешна преобразба, за напуштање на гревот, за духовно обновување и за живеење во вистина и добрина, односно човекот е повикан да се промени одвнатре, да се обнови и да заживее во светлина, истакна Чекорова. 

Таа додаде дека ова верување се манифестрира преку обичаи, како на пример, на овој ден да не се оди во кафеани, да не се троши непромислено, да не се плаче, да не се спие, бидејќи тоа се смета за лош знак кој носи несреќа.

-  На овој ден, како знак за нешто добро, е, ако рано наутро жените и девојките се зафатат за некоја женска работа која ќе им донесе бериќет во текот на годината. На овој ден, во некои краеви се берат лешници кои се чуваат за лек кога некој ќе го заболи уво, со верување дека кога на болниот ќе му дадат од лешниците набрани на Преображение, тој ќе оздрави. Исто така на овој ден не се мрсело бидејќи празникот е за време на богородичните пости. Секаде било обичај грозјето прв пат да се вкуси на Преображение, а особено во овој винарски регион каде грозјето има особено значење за овој празник. Во народната и црковната традиција се верува дека токму на овој ден плодот се „преобраќа“ и станува зрело и благословено овошје, нагласи Чекорова. свд/мд/


Фото: МИА 

Остани поврзан