• сабота, 23 ноември 2024

Во Велес почнаа 56. Детски рацинови средби

Во Велес почнаа 56. Детски рацинови средби

Велес, 10 ноември 2023 (МИА) - Во Велес денеска почна програмата на традиционалните годинашни  56-ти Детски рацинови средби. Програмата почна со дефиле „Цветен пат за Рацин“ во кое учествуваа најмалите - децата од градинките „Димче Мирчев“.

Децата ги посетија спомениците на Кочо Рацин пред Гимназијата „Кочо Рацин“ и во центарот на Велес, а потоа и Спомен-костурницата од НОВ, каде меѓу стотината загинати борци од НОВ почива и  Рацин. Таму одржаа музичко-сценски перформанс.

Потоа сите учесници на Рациновите средби, ученици и наставници, по традиција ја посетија и родната Спомен-куќа на Коста Солев Рацин во стариот дел на градот, која денеска бесплатно е отворена за сите граѓани, како и утре во периодот од 9 до 13 часот.

Во Младинскиот парк се одржа и едукативна игра за учениците  од сите основни училишта од општината насловена „Пронајди го богатството“, која ја организира активот по физичко образование од ООУ „Св. Кирил и Методиј“. 

Во Гимназијата беше презентирано видео раскажувањето на Рахилка Фирфова, музата на Рацин за која тој ја напиша „Антологијата на болката“. За ова на учениците им говореше  проф. д-р Елка Јачева Улчар, годинашна добитничка на високата награда за животна дело „Гемиџии“ на Општина Велес.

Во медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ попладнево ќе се одржи и Книжевната работилница со роднокрајни автори, на која ќе учествуваат ученици од литературните секции од основните училишта.

Попладнево ќе има и посета на две грнчарски работилници во Велес. Семејството   на Рацин биле познати грнчари и нивното грнчарскот колце, кое се наоѓа во подрумските простории на Спомен-куќата на Рацин, е најинтересно посебно за учениците. На него грнчарски производи до долго во ноќта изработувал и Коста Солев Рацин.

Попладнево учесниците ќе ја посетат и роднокрајната издавачка куќа „Збор“ и книжарницата „Збор“ во Велес.

Програмата продолжува утре во 13:30 часот во салата „Бели мугри“ во Велес на кој ќе бидат доделени наградите на најдобрите учесници по распишаниот традиционален литературен и ликовен конкурс, на кој учествуваа ученици од училишта од целата земја.

Коста Солев Рацин е познат насекаде во светот по неговата стихозбирка „Бели мугри“, која е преведена на сите светски и многу други јазици. Неговите стихови ги знаат многу основци и средношколци од земјава и сите генерации Македонци по војната до денес.

Детските рацинови средби ги организира Општина Велес во соработка со МДПС „Премиера“. ад/мд/

Фото: Соња Карбева 

Остани поврзан