Во Велес заврши тридневниот традиционален осмомартовски базар
- На главната улица „Благој Ѓорев“ спроти Гимназијата во Велес попладнево заврши тридневниот веќе традиционален 8 –мо Мартовски базар што го организира Општина Велес во соработка со самостојните ракотворци од градот и цвеќарите.Во изјавата за МИА, сите учесници и граѓаните оценија дека Базарот годинава одлично бил организиран имало многу купувачи,а наместо старата во Младинскиот парк оваа новата локација била одлично прифатена од велешани кои масовно го посетиле и купиле подароци и цвеќе за своите најмили за 8 Март.
Велес, 8 март 2026 (МИА) - Заврши тридневниот традиционален базар што го организира Општина Велес по повод 8 Март, во соработка со самостојните ракотворци од градот и цвеќарите. Базарот се одржуваше на главната улица „Благој Ѓорев“, спроти Гимназијата во Велес.
Учесниците и граѓаните кои го посетија базарот за МИА велат дека годинава бил одлично организиран. Имало многу купувачи, а наместо старата локација во Младинскиот парк, оваа нова локација била одлично прифатена од велешани кои масовно го посетиле и купувале подароци и цвеќе за празникот.
Стефан Савев (26) е еден од најмладите велешки ракотворци кои изработуваат украси и миризливи свеќички во најразновидни облици. Тој воедно аранжира подароци за свадби и други прослави. Вели дека базарот одлично поминал и имало купувачи од сите генерации.
-Идејата ми ја даде тетка ми и еве успешно работатам веќе четри години, а трет пат учествувам на базарот за кого се подготвував скоро два месеца. Имавме купувачи од сите генерации и задоволен сум од продажбата. Планирам да учествувам и догодина, рече Савев.

Жана Шуркова, пензионерка, веќе 40 години плете разни украси и подароци. Порано работела во Одделението за сребро во рамки на Топилницата. И таа смета дека базарот годинава одлично поминал и имал одлична локација. Бил посетен од сите генерации и се купувало најмногу плетено цвеќе, но и други плетени подароци, изработени од нејзините вешти раце. Таа по нарачка плете и облека - шал, нараквици, фустани, блузи,... На нејзината тезга имаше и белегзии за рака со монистра во разни бои, изработени рачно од нејзината шестгодишна внука Дона Синадиновска, најмладиот учесник на базарот. ад/мч/
Фото МИА