• четврток, 26 декември 2024

Во Бугарија основан Институт за компјутерски науки и вештачка интелигенција

Во Бугарија основан Институт за компјутерски науки и вештачка интелигенција
Софија, 11 април 2022 (МИА) – Премиерот на Бугарија Кирил Петков на отворањето на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологија INSAIT изјави дека неговата земја цврсто стои зад него. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Институтот се отвора во партнерство со двата најголеми технолошки универзитети во Швајцарија – Федералниот институт за технологија во Цирих (ETH Zurich) и Политехничкиот универзитет во Лозана (EPFL). На отворањето присуствуваа бугарскиот претседател Румен Радев, европскиот комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади Марија Габриел, бугарските министри за образование и наука Николај Денков, иновации и раст Даниел Лорер и швајцарскиот министер за економски прашања, образование и истражување, и поранешен претседател на Швајцарската конфедерација Гај Пермелин. Премиерот на Бугарија рече дека институтот ќе го водат светски познати научници – Бугари и странци, кои доаѓаат од најдобрите универзитети во САД и Израел. Целите на INSAIT се Бугарија да стане најдобро место во светот во областа на компјутерските науки и вештачката интелигенција, како и земјата да ги привлече најголемите компании во светот и тие да отворат свои центри во Бугарија, рече Петков. Google, Amazon, DeepMind веќе имаат инвестирано во ISAIT, рече Петков. Тој рече дека бугарската влада го одржува ветувањето – да и ги врати на Бугарија нејзините најталентирани умови. Бугарија цврсто стои зад овој институт и ќе го финансира со 10 милиони долари годишно во наредните десет години – вкупно 100 милиони долари, рече Петков. Тој најави дека Институтот треба да го финансира Бугарија, која ќе издвојува 10 милиони долари годишно, а Google, Amazon, DeepMind ќе инвестираат по 7 милиони долари, додека бугарските технолошки компании ќе инвестираат 6 милиони долари. - Само кога приватниот сектор и државата заеднички ќе работат може да се родат идеи, да се постигнат резултати кои се конкурентни и на светско ниво, рече бугарскиот премиер. Според него, овој модел на финансирање создава мост меѓу науката и бизнисот, кој поддржан од државата може успешно да се развива и да го подобри квалитетот на животот во Бугарија. нк/

Остани поврзан