• петок, 05 декември 2025

Во Битола се одржа манифестација „Мед и млеко на Широк сокак“

Во Битола се одржа манифестација „Мед и млеко на Широк сокак“

Битола, 30 мај 2025 (МИА) - Амбасадата на Република Словенија и Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија, во Битола со манифестацијата „Мед и млеко на Широк сокак“, го одбележаа Светскиот ден на пчелата.

Во изјава за медиумите, словенечкиот амбасадор Грегор Пескар, истакна дека манифестацијата во Битола се одржува со цел да се пренесат знаења за пчелата кај најмладите.

-Светскиот ден на пчелите го одбележуваме со единствена цел да придонесеме за подигнување на свеста за важноста на пчелите за природата, за храната и за нашиот еко-систем. Промовирајќи го светскиот ден на пчелите ние истовремено пренесуваме знаења и искуства за децата кои се присутни на оваа манифестација за и тие да знаат колку се важни пчелите за животот на планетата, посочи амбасадорот Пескар.

Јавна поддршка на манифестацијата даде Верче Мицевска, национален координатор во Владата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика.

-Пчелата има исклучителна улога во опрашувањето на сите растенија, пчелата е значајна за производство на мед и сите останати драгоцени пчелни производи кои што имаат нутритивно значење, но и лековити својства. Пчеларството во Македонија е значајно за економскиот развој на руралните средини и како Влада сметаме дека медот како производ заслужува промоција и поддршка за да бидат конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар, изјави Мицевска.

На плоштадот „Магнолија“ со свои штандови се претставија повеќе производители на мед, но и на млечни производи од Пелагонија.

-Локалната самоуправа е традиционален поддржувач на работата на здруженијата на пчеларите и така е и денеска на светскиот ден на пчелата. Македонија и Битола се поднебје и клима во која со години се произведува квалитетен мед, а последниве години тоа е издигнато на повисоко ниво. Овој, воедно саем на медот е значаен затоа што е организиран и квалитетен и тоа се совпаѓа со моите препораки за квалитетен живот бидејќи јас како лекар секогаш се залагам за здрав живот, за повеќе зелени површини во градовите, сообраќајот да го тргнеме од центрите на градовите и да го следиме примерот на Љубљана, а токму денешната манифестација во Битола е во прилог на здравиот живот, посочи градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

На манифестацијата „Мед и млеко на Широк Сокак“ учествуваа деца од детската градинка „Естреја Овадија Мара“, а претседателот на македонските пчелари Менде Трајковски ги претстави авторите на наградени ликовни и литературни творби од објавениот награден конкурс „Пчелата чувар на планетата земја“. мт/ев/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан