• недела, 22 декември 2024

Во Битола одбележан Денот на македонската адвокатура

Во Битола одбележан Денот на македонската адвокатура
Битола, 16 јуни 2020 (МИА) - Со полагање цвеќе пред бистите на македонските народни херои Коле Канински и Јосиф Христовски-Ѕвончаро кои се наоѓаат пред зградата на Апелацискиот Суд во Битола, адвокатската заедница од овој град го одбележа 16 јуни Ден на македонската адвокатура. Како што е познато, актот кој го означува втемелувањето на македонската адвокатура е донесен на 16 јуни 1945 година од страна на Министерскиот совет при АСНОМ, и тој ден се смета за Ден на македонската адвокатура. - Продолжуваме со востановената традиција, поклонувајќи се пред бистите на првоборци, пред нивната жртва да го дадат својот живот за нашата слобода, а нивните идеали да ги реализираме во слободна држава каде ќе се применува законот. Но, и во оваа прилика оддаваме почит кон сите што вршеле адвокатска дејност, доајените на битолската и македонската адвокатура, рече меѓудругото адвокатот Никола Главинче на јавен настан во Битола. Бистите на народните херои и адвокатски приправници Јосиф Христовски-Ѕвночаро и Коле Канински, донација на адвокатската комора, во Битола се поставени во 1981 година од кога и датира традицијата на полагање цвеќе по повод 16 јуни денот на македонската адвокатура. мт/ир

Остани поврзан