• понеделник, 23 декември 2024

Во Бигорски манастир одржана панихида за великанот Гоце Делчев

Во Бигорски манастир одржана панихида за великанот Гоце Делчев

Дебар, 4 февруари 2023 (МИА) - Еписокоп Партениј и Бигорското братство одржаа панихида за Гоце Делчев по повод 151-годишнина од неговото раѓање.

- Се чини дека во денешното македонско потсончевие, по имињата на нашите рамноапостолни отци и просветители, нема послаткозвучно име на народен делател од тоа на Гоце Делчев. Самото негово спомнување причинува, или би требало да причинува, благородни чувства кај секој современ Македонец. Чесно, праведно и достојно е да се гордееме со еден таков духовен исполин, чијшто мисловен и идеолошки склоп го прави подеднакво голем и важечки и денес, рече меѓу другото во своето обраќање, владиката Партениј.

Тој додаде дека и кога не би знаеле ништо за неговиот живот, би можеле да го сфатиме ова само од неговиот светоглед, преточен во зборовите што излегле од неговата умносрдечност, „јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

- Овој силогизам, произлезен од длабокото и практично животно љубомудрие, го покажува Делчев како евангелски крин изникнат од македонската почва, кој ја краси идејата за личноста и за човештвото. Со други зборови, роден во Македонија и воспитан во домородната христијанска култура и философија, Гоце Делчев, туѓ на секаков национализам и шовинизам, е граѓанин на светот, или, можеби подобро речено, граѓанин над светот. Вонвременски и сепросторен културен и култен идеолог и деец, посочи тој.

Владиката Партениј рече дека ќе заврши со пророчките зборови на најблискиот другар и соподвижник на Делчев, а воедно и негов прв животописец, Пејо Јаворов. Тие биле „запишани во предговорот на неговата книга „Гоце Делчев“, објавена една година по херојската смрт на апостолот“.

- Илјадници образи на загинати во цветна младост, борци, греат со непомрачениот блесок на едно беспримерно себеодрекување, на едно беззаветно самопожртвување. Меѓу нив, сепак, секогаш ќе го зазема првото место ликот на човекот, чијашто најдобра биографија еден ден ќе биде пространата историја на македонското револуционерно движење од почеток досега. Името на тој човек стои како заглавие на нашата книга. Нека му биде споменот вечен, посака епископ г. Партениј Антаниски, игумен на Бигорскиот манастир на одржаната панихида по повод 151-годишнина од раѓањето на Гоце Делчев. вт/бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан