Во Берово речиси двојно зголемена потрошувачката на вода
- Јавното претпријатие „Услуга“ од Берово упати апел до граѓаните за одговорно и рационално користење на водата за пиење, поради значително зголемената потрошувачка во првите летни денови.
Берово, 1 јули 2025 (МИА) – Јавното претпријатие „Услуга“ од Берово упати апел до граѓаните за одговорно и рационално користење на водата за пиење, поради значително зголемената потрошувачка во првите летни денови.
Од претпријатието информираат дека потрошувачката на вода е речиси двојно зголемена во споредба со просекот, што може да доведе до сериозни проблеми со водоснабдувањето, особено во селските населби, како што е село Русиново.
-Водата што ја дистрибуираме е наменета исклучиво за пиење, лична хигиена, подготовка на храна и основни домаќински потреби. Таа не смее да се користи за полевање тревници, градини или ниви“, велат од ЈПКР „Услуга“.
Од претпријатието предупредуваат дека ваквата недозволена употреба на водата, како и неовластеното приклучување и „крадење“ од мрежата, го загрозуваат нормалното водоснабдување на целата општина.
-Ако продолжи несовесната потрошувачка, може да дојде до ситуација кога нема да може да се обезбеди доволно вода за сите. Водата е заедничко богатство и секој мора да се однесува одговорно“, се наведува во апелот.
ЈПКР „Услуга“ повикува на совесност и разумно користење на водата, потсетувајќи дека таа е непроценливо природно богатство кое мора да се зачува за сите граѓани. вс/дма/
Фото: ЈПКР ,,Услуга" Берово