• среда, 20 ноември 2024

Во Белград повеќе десетици илади граѓани по третпат на протест „Србија против насилството“, блокиран мостот Газела

Во Белград повеќе десетици илади граѓани по третпат на протест „Србија против насилството“, блокиран мостот Газела

Белград, 19 мај 2023 (МИА) -Во Белград во 18 часот како што најавија од проевропската опозиција по трет пат се одржува масовен протест со учество на повеќе десетици илјади граѓани, кој се одржуваат по повод масовните убиства во Србија, со слоганот „Србија против насилството“, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот се одвива во мирна атмосфера, на него има повеќе граѓани од претходните два протести, и според организаторите ова е најмасовниот протест во последните години. Протестот се одвива во форма на протестна прошетка од Народното собрание до мостот Газела, кој е блокиран за сообраќај.

Колоната на повеќе десетици илјади граѓани во протестната прошетка во еден момент почнуваше од Народното собрание, долж целиот булевар Милош Велики, па се до мосотот Газела и Ушче. И покрај најавата за блокада и на Бранковиот мост, организаторите се откажаа од оваа блокада поради „преголемиот број на граѓани“.

Претседателот на Демократската партија (ДС) Зоран Лутовац изјави на протестот дека граѓаните на вечерашниот протест укажуваат дека не сакаат да се разводнат нивните барања кои беа истакнати по двете масовни трагедии.

Лутовац на протестот рече дека барањата се јасни и недвосмислени и дека, како што наведе, пред се ја повикуваат власта на одговорност.

Тој додаде дека опозицијата во Собранието се обидела преку институционални средства да постигне исполнување на барањата на граѓаните и ја обвини власта дека се обидува да ги разводни.

-Не може да се гласа за барањата, тие мора да се исполнат, рече Лутовац.

Пратеничката и заменик претседателка на Демократската партија, Драгана Ракиќ, за време на протестниот марш изјави за Н1 дека сите барања на опозицијата треба да се заменат со само едно - оставка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

-Се е можно ако нè има доволно и ако бидеме упорни, изјави Ракиќ.

Александар Јовановиќ Чута на протестната прошетка изјави дека нема повеќе да се упатува повик за протест следниот петок, поради потенцијална опасност од конфликт.

-Доста ни е од крв, изјави Јовановиќ.

На протетот повик упатија -Демократската партија, Народната партија, Зелено- левиот фронт, Не го давиме Белград, партијата Заедно, Партијата за слобода и правда, Движењето на слободни граѓани, Синдикатот Слога и Движењето за пресврт.

Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на бебзбедоносната агеција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Во исто време кога почна протестот во Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на митингот „Србија сонува и соништата и ги остварува“ во Панчево изјави дека разговарал со луѓе „од службите“, од кои дознал дека „сестринските служби од исток“ предупредиле дека, кога станува збор за протестот „Србија против насилството“,

организирани од дел од опозицијата, дека е можно да се работи за т.н обоени револуции“.

-Ова се одвратни обиди за злоупотреба на тагата. Како претседател на Републиката, ви велам, на Србија и е доста од вашите револуции, доаѓање на луѓе под странско влијание и уништување на се што е српско, на нашите витални национални интереси, рече Вучиќ.

об
фото ЕПА

Остани поврзан