Во Бања Лука митинг „Српска те вика“, реакција на иницијатата за усвојување на Резолуцијата за Сребреница во ОН
- На плоштадот Краина во Бања Лука се одржува митингот „Српска те вика“ што го организира владејачката коалиција во Република Српска со Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД).
Бања Лука, 18 април 2024 (МИА) - На плоштадот Краина во Бања Лука се одржува митингот „Српска те вика“ што го организира владејачката коалиција во Република Српска со Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД).
Претставници на РС изјавија дека овој собир е реакција на иницијативата за усвојување на Резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
Митингот започна со интонирање на националните химни на РС и химната на Србија „Божја правда“, а од плоштадот Краина до Бански двор се развиори знамето на РС долго петстотини метри.
Приврзаниците на владејачките партии пристигнале со автобуси од сите делови на РС, а според претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ, автобуси пристигнале и од Србија.
Претставниците на опозицијата во РС претходно најавија дека нема да присуствуваат на „митингот на СНСД“, освен градоначалникот на Бања Лука Драшко Станивуковиќ од Партијата за демократски напредок (ПДП).
На митингот присуствуваат и претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, како и министерот за труд, вработување и социјални работи на Србија, Никола Селаковиќ и претседателката на Српската партија Заветници, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски. паг/
Фото: Принтскрин