• понеделник, 23 декември 2024

Во Албанија ќе се гради фабрика за производство на седум видови вакцини

Во Албанија ќе се гради фабрика за производство на седум видови вакцини
Тирана, 3 јуни 2021 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама, кој е во дводневна официјална посета на Турција, оствари средба со турскиот бизнисмен Кантур Алагоз, кој е сопственик на компанија за производство на вакцини и дистрибутер на Синовак. Рама, во објава на Фејсбук, меѓу другото, наведе дека разговарале за проектот за изградба на фабрика за вакцини во Албанија. Тој додаде дека изразил голема благодарност до соговорникот за помошта што ја дал со доставување на вакцини Синовак во Албанија, по преговорите што ги водела албанската Влада со турската компанија предводена од Алагоз. - Почестен сум од гостопримството на овој импресивен господин Кантур Алагоз, голема личност на турската наука и бизнис, сопственик на компанијата што произведува неколку видови на вакцини, а во исто време и дистрибутер на вакцината Синовак. Откако му се заблагодарив за значајната помош, разговаравме за проектот за изградба на фабрика за вакцини во Албанија, посочува Рама, наведувајќи дека во Албанија ќе се произведуваат седум видови вакцини. Во меѓувреме во Албанија продолжува процесот на имунизација против Ковид-19. Во изминатите 24 часа регистрирани се деветмина новозаболени од направените 3.340 тастови, а веќе трет ден нема починати лица од последици од Ковид-19, додека хоспитализирани се 35 луѓе. Во Албанија досега се вакцинирани околу 780.000 луѓе. Во земјата пристигна нова пратка со 40.800 дози вакцини од Астра Зенека. Со овие и со деновиве добиените 11.700 дози од Фајзер, до сега земјата има набавено вкупно 858.750 вакцини. вт/ми/

Остани поврзан