• недела, 22 декември 2024

Воскресна проповед на бискупот Стојанов: Велигденската радост ги исполнува и нашите срца

Воскресна проповед на бискупот Стојанов: Велигденската радост ги исполнува и нашите срца
Скопје, 3 април 2021 (МИА) -  Воскресна света литургија се одржа вечерва во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во пресрет на најголемиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден, што го слават граѓаните од католичка вероисповед. Во катедралата присуствуваа ограничен број верници согласно протоколите за заштита од Ковид-19. Задолжително беше носењето маски и одржувањето потребно растојание меѓу присутните. Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов им го честиташе Велигден на католичките верници и на литургијата ја прочита воскресната проповед. -Драги браќа и сестри, се надевавме дека Велигден оваа година нема да биде оптоварен од пандемијата Ковид-19 како што тоа беше случај минатата година во ова време и дека ќе може да го славиме свечено во нормални услови, но еве и оваа година овој голем христијански празник мора да го прославиме во истите околности како и пред една година, внимателно и со сите мерки на претпазливост да се заштитиме едни од други од можна инфекција. Дури и Светиот Престол објави дека и оваа година папата Фрањо Велигден ќе го слави во празната базилика Свети Петар заради многу ограничениот број верници. Свесни сме дека короната влијае на многу членови од нашиот народ и на многу семејства во нашата заедница. Најтешко им е на оние кои ги изгубиле своите најблиски затоа што не успеале да се изборат за уште некој додатен здив и да ја надминат оваа подмолна болест, но го предале својот дух на бесконечната милост на небесниот Отец. Вистина, ние сме, како сите суштества на земјата, и без оваа болест подлежни на минливост. Иако се обидуваме некако да го истуркаме тоа од нашите мисли, можеби убедувајќи се дека тоа ќе дојде некогаш, но за волја на вистината, сè уште не, сепак сме постојано изложени на опасност од смрт која виси над нашите глави. Драги браќа и сестри, Исус со својата победа над гревот и смртта и со своето воскресение од мртвите, ни даде нов, неуништлив живот и на тој начин ги наполни небото и земјата со голема радост. Велигденската радост ги исполнува и нашите срца. Секој што верува во Христовото воскресение, веќе совоскреснал со Него. Тој знае дека кревкоста на постоењето, и дека страдањето и смртта го немаат последен збор. Исто така знае дека со Христовата смрт и воскресение злото е надминато засекогаш, дека се скршени оковите на подземниот свет и дека сме извадени од ропството на гревот и смртта како слободни деца Божји. Така, смртта веќе не е страшило што ќе нè исполни со ужас, зашто Бог нè повика на живот и тој исто така, еден ден, кога ќе се врати во слава, ќе ги преобрази нашите тела и ќе ги придружи на своето славно тело. Кој е Христов, нема од што да се плаши. Затоа што самиот Исус порачува: „Не плашете се!“ Среќен и благословен празник Воскресение Христово – Велигден!, рече бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов. рп/са/    

Остани поврзан