• петок, 05 декември 2025

„Вообразби“ - нова поетска книга на Бранко Цветкоски

„Вообразби“ - нова поетска книга на Бранко Цветкоски

Скопје, 24 април 2025 (МИА) - Објавена е нова стихозбирка на поетот Бранко Цветкоски - „Вообразби“ (лирски етиди за некој друг свет). Издавач е Книгоиздателството „Макавеј“ кое оваа година одбележува 25 години од своето основање.

Новото поетско дело донесува седумдесетина песни, подредени во четири тематски раздели „Наслов за залезот“, „Седенка во иднината“, „Неизустените зборови“ и „Привиди. Ронки. Роморења“, а е придружено и со обемен и есеистички осврт на проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска.

Како што информира „Маквеј“, Капушевска Дракулевска истакнува: „Префинетиот, кондензиран исказ на песната, нејзината музичка целост и естетска интегралност и склад - се темелните одлики од почетоците сè до најновата поетска објава на Бранко Цветкоски – Вообразби (лирски етиди за некој друг свет).“

Во препораката кон изданието, македонскиот духовник, епископот Давид (Нинов), пак нагласува: „Бранко Цветкоски е еден од најпрочуените и најплодотворни македонски поети, уметник од светски глас во упатените поетски кругови, мислител без којшто не е возможно да се состави мапата на современото македонско јазично творештво. Неговиот богат животен опит, самобитниот поетски призив и длабоката наобразба ни се откриваат одново, овој пат во еден исцело нов сјај во неговото најново поетско остварување „Вообразби“ (лирски етиди за некој друг свет). Речено со густ, збиен, јадровит израз, „Вообразби“ на поетот Бранко Цветкоски претставува поезија-противотров за празнината на постоењето“.

Епископот Давид објави и видео-рецензија за книгата од Бранко Цветкоски на Youtube која може да се проследи тука .

Цветкоски е автор на 30 книги поезија, литературна критика, есеистика, публицистика, антологиски публикации. Во 2014 година се објавени неговите Избрани дела во 6 томови. На 18 странски јазици се објавени 23 негови поетски избори и одделни книги. Препеал и превел над 30 одделни книги од најзначајни руски, бугарски, српски, хрватски, босански автори. За својата книжевна дејнсот е носител на 19 највисоки награди и признанија во Македонија и во странство. Во 2009 година ја добива и државната Наградата „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања од областа на културата и уметноста од интерес на Република Македонија.

Книгата може да се купи во е-продавницата на издавачката куќа „Макавеј“ и во книжарниците во центарот на Скопје. мд/сст/

Фото: „Макавеј“ 

Остани поврзан