• понеделник, 23 декември 2024

Вонредни мерки во регионот поради големото загадување на воздухот

Вонредни мерки во регионот поради големото загадување на воздухот
Белград, 15 јануари 2020 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ го повика министерот за животна средина Горан Триван „малку да живне“ и најави итни мерки на Владата поради загадувањето на воздухот во Србија. - Ја прашав (премиерката) Ана Брнабиќ дали е жив министерот за животна средина, да се јави, да каже нешто, да ги праша граѓаните, коментираше Вучиќ. Триван денеска реагираше и изјави дека ресорното Министерство сторило сé што може за да го намали загадувањето на воздухот, оценувајќи дека локалните власти се законски одговорни за квалитетот на воздухот на нивната територија, но повеќето од нив немаат план за заштита. По попладневниот итен владин состанок на тема загадување, Брнабиќ изјави дека нема причина за паника, бидејќи не станува збор за нешто што е нова појава, туку се повторува со години поради временските услови.

Таа оцени дека клучен проблем во овој момент се домаѓинствата кои се греат на дрва или јаглен, со оглед дека 60 отсто од домаќинствата во Србија не се приклучени на системот на централно греење.  Таа информираше дека на итниот владин состанок било договорено да се формира тело, кое ќе ја координира работата на сите државни органи, ќе ја известува јавноста, ќе предлага мерки и ќе ги анализира ефектите од прелдожените мерки.

Со посебни препораки денеска се огласи и Дирекцијата за цивилна заштита при Министерството за внатрешни работи на Хрватска. Тие на хрватските граѓани им препорачаа да избегнуваат долготрајни и интензивни телесни активности на отворен простор. „Се советува примена на пропишаната терапија за лицата со акутни и хронични симптоми, како и избегнување на непотребна дополнителна изложеност на респираторни честички од други извори, како пушење, користење хемикалии, лепак, бои, лакови и слично“, се наведува во соопштението. Покрај тоа, се препорачува да се користи јавен транспорт и да се избегнува употреба на приватни автомобили. Исто така, се препорачува да се избегнува греење со цврсти горива. Во Босна и Херцеговина зголеменото загадување на воздухот ја зголеми и побарувачката за заштитни маски, а од аптеките им препорачуваат на купувачите да користат маски со две и три филтри. И експертите предупредуваат дека при високи концентрации на штетни материи во воздухот се користат само респираторни маски, бидејќи хируршките не се воопшто ефикасни. Од здружението Еко акција советуваат при изборот на маски ФФП 2 или ФФП3, граѓаните треба да проверат дали ја имаат ознаката EN 149, бидејќи таквите имаат за цел да ја намалат изложеноста на загадувачи во воздухот - честички, гасови и пареа. Инспекторите од Кантонската управа за инспекциски работи на Кантонот Сараево, по прогласувањето „тревога“, која е на сила од 11 јануари поради прекумерно загадување на воздухот, ја зголемија контролата на правните лица и објектите на физички лица, а поради моменталната состојба се организираат дежурства и за време на викендот, пренесува Фена. Се преземаат и други мерки од надлежност на инспекторите и ја контролираат чистотата на јавните површини и патиштата во Кантонот, контрола на градилиштата кои се обврзани да ги запрат грубите градежни работи, како и субјектите кои за греење користат цврсти горива и масла. ссм/

Остани поврзан