• четврток, 21 ноември 2024

Волф за Хамилтон: Ако некој решил да си замине, треба да го пуштите да си оди

Волф за Хамилтон: Ако некој решил да си замине, треба да го пуштите да си оди

Лондон, 9 ноември 2024 (МИА) - Извршниот директор на формула тимот Мерцедес, Тото Волф не се обиде да го одврати Хамилтон да премине во Ферари.

Тој ги слушнал првите информации за можното заминување на Британецот две недели пред официјалното соопштение. Првиот што му кажал за оваа можност бил Карлос Саинц постариот.

- Да речеме некои знаци почнаа да доаѓаат две недели пред официјалното објавување. Карлос Саинц постариот ми се јави и ми кажа што се случува. Му испратив порака на шефот на Ферари, Фред Васер и го прашав дали се во контакт со нашиот возач? Не добив одговор, што беше многу необично за Фред. На крајот на краиштата, ние сме добри пријатели. Така да - знаев што следува, изјави Волф.

Додаде дека не бил во искушение да се обиде да го убеди Хамилтон да остане.

- Сметам дека ако некој донел одлука да замине, треба да го пуштиш да си оди. Еднаш одамна разговаравме со Пеп Гвардиола, пријатели сме. Го прашав: „Што ќе направиш ако некој играч одлучи да замине? На што тој одговори: „Ако некој играч мисли дека ќе игра подобро во друг тим, дека таму ќе заработи повеќе пари, треба да му дозволиме да си замине. И ова е пристапот што го користам овде во Мерцедес. Ако некој сака да замине, треба да се погрижиме двете страни да имаат корист, истакна Волф.

Хамилтон за Мерцедес вози од 2013 година. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан