• вторник, 24 декември 2024

Волонтери од Црвениот крст ќе им помагаат на граѓаните во Скопје да се справат со топлотниот бран

Волонтери од Црвениот крст ќе им помагаат на граѓаните во Скопје да се справат со топлотниот бран
Скопје, 21 јули 2022 (МИА) - Црвениот крст на град Скопје, со поддршка од Градот Скопје, денеска започна со теренски активности за справување со најавениот топлотен бран.
Мобилните тимови, составени од 30 обучени волонтери од Црвениот крст, од денеска до 28 јули ќе бидат на терен каде на повеќе фреквентни локации низ градот (автобуски стојалишта, амбуланти, пазари...) ќе дистрибуираат вода за граѓаните, како и информативни материјали со совети за граѓаните за заштита од високите температури, консумирање и приготвување на храна.
-Покрај ова, тимовите на Црвениот крст по потреба ќе вршат и мерење на крвниот притисок на граѓани кои ќе се пожалат на здравствени проблеми, а во интервентни случаи, доколку кај некое лице се забележи посериозен здравствен проблем, ќе се изврши и транспорт до најблиската здравствена установа или домот на лицето кое има потреба од терапија во домашни услови, информираат од Црвениот крст на град Скопје.
Во насока на грижата на здравјето на бездомните лица, додаваат од Црвениот крст, мобилните екипи од пунктот во Момин Поток ќе пружаат помош за овие лица, преку дистрибуција на вода, мерење на крвен притисок, како и обезбедување на транспорт до здравствени установи во интервентните случаи. Мобилните тимови од пунктот во Момин Поток се составени од доктор и парамедик, а сите граѓани можат вакви случаи да ги пријават на телефонот 071/223-972. сст/мд/
 

Остани поврзан