ВМРО-ДПМНЕ: Не е време за политички калкулации, туку за единство, солидарност и решеност да ја надминеме оваа трагедија
- Во овие моменти на длабока тага, кога Македонија тагува за изгубените животи, не ни паѓа на памет да се впуштаме во политички препукувања, соопшти вечерва ВМРО-ДПМНЕ.

Скопје, 16 март 2025 (МИА) - Во овие моменти на длабока тага, кога Македонија тагува за изгубените животи, не ни паѓа на памет да се впуштаме во политички препукувања, соопшти вечерва ВМРО-ДПМНЕ.
- Ова не е битка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС, туку битка на чесните против нечесните, на одговорноста против неодговорноста. Длабоко го почитуваме тоа што го кажува СДС и уверуваме дека сите аспекти од кажаното ги имаме во предвид при нашите одлуки и дејствувања. Институциите работат со целосна посветеност на расветлување на сите околности, а секој што има одговорност, без разлика на политичка или друга припадност, ќе одговара. Жалиме ако се стекнал впечаток на меѓупартиско препукување, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Нивниот фокус, како што посочуваат, е исклучиво на вистината, на одговорноста и на правдата за жртвите и нивните семејства.
- Ова не е време за политички калкулации, туку за единство, солидарност и решеност да ја надминеме оваа трагедија со достоинство. Македонија мора да остане силна и да победи во оваа битка против тридецениски создаваниот зол и корумпиран систем, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.са/
Фото: МИА архива