• понеделник, 23 декември 2024

Влезот на „Луфтханза“ во „ИТА Ервејс“ под истрага на Еврокомисијата 

Влезот на „Луфтханза“ во „ИТА Ервејс“ под истрага на Еврокомисијата 

Брисел, 24 јануари 2024 (МИА) - Европската комисија започна истрага за проверка на усогласеноста со Регулативата за здружување на ЕУ на најавената заедничка сопственост на италијанската авиокомпанија „ИТА Ервејс“ од страна на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ и Министерството за економија и финансии на Италија, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Еврокомисијата соопшти дека истрагата е покрената поради нејзината „прелиминарна загриженост“ дека трансакцијата може да ја намали конкуренцијата на пазарот за услуги за воздушен превоз на патници на неколку линии на кратки и долги релации во и надвор од Италија. 

„Луфтханза“ и ИТА оперираат на широка мрежа на рути на кратки дестинации во рамките на Европската економска област (ЕЕА), како и на линии на долги релации меѓу Европа и остатокот од светот. „Луфтханза“ има заедничка групација со американската „Јунајтед Ерлајнс“ и „Ер Канада“, преку која се координираат за цените, капацитетите и возниот ред и ги делат приходите на трансатлантските линии. 

Според ЕК, „Луфтханза“ и ИТА се конкуренти во обезбедувањето на услуги за воздушниот превоз на патници на одредени линии, па постои загриженост дека преземањето може да ја намали конкуренцијата на кратки релации од Италија до земјите од Централна Европа.  

- На одредени такви линии, „Луфтханза“ и „ИТА“ се директни ривали со ограничена конкуренција, првенствено од нискобуџетните авиопревозници, како што е „Рајанер“, кои најчесто оперираат од пооддалечени аеродроми. Покрај тоа, Комисијата ќе ги испита и линиите на кои едната од страните веќе нуди услуги, а другата се очекува да започне наскоро, како и оние каде што летовите се ограничени или ги нуди само другата страна, посочува Комисијата. 

Во однос на долгите релации меѓу Италија и Северна Америка, ЕК дополнително ќе процени дали по евентуалното спојување летовите на ИТА, „Луфтханза“ и нејзините партнери „Јунајтед Ерлајнс“ и „Ер Канада“ треба да се третираат како активности на еден субјект. 

- Трансакцијата би можела да ја намали конкурентноста на одредени долги релации од Италија до САД, Канада, Јапонија и Индија, поради ривалството меѓу ИТА, „Луфтханза“ и нејзините партнерите, како и поради потенцијално ограничената конкуренција од други авиокомпании со атрактивни линии, смета Еврокомисијата. 

Дополнително се проценува дека спојувањето би можело да ја зајакне доминантната позиција на ИТА на аеродромот „Милано-Линате“, што би им отежнало на ривалите да обезбедуваат услуги за воздушен превоз на патници од и до Милано. 

За преземањето Комисијата била информирана на 30 ноември минатата година, а на 8 овој месец „Луфтханза“ и доставила информации за некои нејзини прелиминарни грижи. Сепак, ЕК процени дека овие информации се недоволни за јасно да се отстранат нејзините грижи и затоа реши да ја покрене истрагата. 

Сега Еврокомисијата има рок од 90 работни дена за завршување на истрагата, односно најдоцна до 6 јуни. 

ИТА е формирана од страна на италијанската држава во октомври 2020 година, како авиокомпанија за домашен и меѓународен патнички и карго воздушен транспорт. Компанијата е членка на авиоалијансата „СкајТим“ и нејзини главни центри се Рим и Милано. 

Германската „Луфтханза“ е глобален превозник на домашни и меѓународни летови во патничкиот и товарниот транспорт, со центри во Франкфурт, Минхен, Цирих, Виена и Брисел. Нејзини подружници се авикомпаниите „Аустриан Ерлајнс“, „Брисел Ерлајнс“, „Јуровингс“, „Свис Интернешанл Ерлајнс“ и „Ер Доломити“. „Луфтханза“ е членка на групацијата „Стар Алијанс“ заедно со „Јунајтед Ерлајнс“ и „Ер Канада“. 

Италијанското Министерство за економија и финансии, кое ги извршува задачите и одговорностите на Владата на Италија во областа на економската, финансиската и даночната политика и буџетирањето, поседува акции во италијански јавни и стратешки компании активни ширум светот, меѓу кои и во транспортниот сектор. Во моментов Министерството е единствен акционер во ИТА. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан