• петок, 22 ноември 2024

Владеењето на правото во фокусот на средбата Мицотакис – Јурова

Владеењето на правото во фокусот на средбата Мицотакис – Јурова

Атина, 15 април 2024 (МИА) – Владеењето на правото во Грција, изборниот процес на европските избори, ситуацијата во медиумите, но и шпионските софтвери, беа темите за кои разговараа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на средбата грчкиот премиер рече дека посетата е во „време на значителни геополитички превирања во регионот“ и уште еднаш повтори дека Грција „недвосмислено ги осудува нападите на Иран против Израел“.

- Секоја ескалација во овој момент би била значајна закана за регионалната стабилност и безбедност. Ние продолжуваме да стоиме на страна на Израел, но во исто време ги повикуваме сите страни да ја покажат потребната воздржаност за да се избегне потенцијално многу опасна понатамошна ескалација, рече Мицотакис.

Во однос на темите на денешната средба, грчкиот премиер посочи дека за прашањата поврзани со владеењето на правото, продолжуваат да имаат одлична соработка и изрази уверување дека земјата има направено „важен напредок, што го препознава и Европската комисија“.

-Секогаш многу сериозно ги земеме предвид сите препораки од годишниот извештај за владеење на правото и се трудиме да се усогласиме најдобро што можеме. Но, јас сум среќен со напредокот што го постигнавме, истакна Мицотакис.

Потпретседателката на ЕК објасни дека сега го подготвуваат извештајот што ќе излезе на почетокот на јули, потенцирајќи дека е заеднички проект, а не „еднострана проценка на Брисел“ и укажа на добрата соработка што ја имаат со грчките власти.

-Знаете дека сите четири теми што ги покриваме во извештајот за владеење на правото се од клучно значење за нашите демократски системи, без разлика дали се тоа судството и обвинителството, законодавниот процес, состојбата во медиумите, борбата против корупцијата и целокупниот систем на институционални контроли. Ова е многу важен збир на фактори или области кои би сакале да ги видиме да функционираат добро во сите земји-членки, порача Јурова.

Додаде дека за време на денешната посета на Атина ќе разговара со работната група за медиуми, со надлежните за спроведување на законот за дигитални услуги и за идниот закон за слобода на медиумите, со цел како што рече, „справување со странската пропаганда – можеби е руска, но има и други актери кои се обидуваат да влијаат на нашиот информативен простор“.

Посочи дека резултатот од средбите, за неа ќе биде многу важен за да ја разбере подготвеноста на Грција за претстојните европски избори.

На средбата со Мицотакис, Јурова се осврна и на употребата на шпионски софтвер, за кое рече дека е прашање во многу земји-членки.

-Ви ветувам две работи: дека ќе ја вклучиме употребата на шпионски софтвер во земјите-членки во нашиот извештај за владеењето на правото, за да имате подобра слика за тоа колку е голем проблемот. Второто е дека ќе издадеме правно мислење за употребата на шпионски софтвер од страна на јавните власти, како и од приватните субјекти. Ова е во тек. Имам намера да го дадам мислењето во текот на овој мандат, истакна потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова. ср/рп/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан