• среда, 27 ноември 2024

Влада: Целта на одбележувањето на 25 Октомври е да се доближи правдата до граѓаните

Влада: Целта на одбележувањето на 25 Октомври е да се доближи правдата до граѓаните
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Дваесет и петти Октомври е Европски ден на граѓанската правда, кој секоја година се одбележува во европските држави. Целта на неговото одбележување во сите европски држави е правдата да се доближи до граѓаните. Да се запознаат со владеењето на правото, правната држава и независното правосудство, како врвни европски вредности, објави Владата на Република Северна Македонија на нејзиниот фејсбук профил. Иницијативата за одбележување на овој ден, пишува на фејсбук профилот на Владата, потекнува од Европската комисија и до Советот на Европа, кои широко го поддржуваат организирањето на активностите во сите европски држави. - Интенцијата за одбележување на Европскиот ден на правдата е на граѓаните во Европа, а со тоа и во Северна Македонија да им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области: семејно право, право на сопственост, наследување, авторско право, договорно право и сл, стои во објавата од Владата на ФБ. Оваа година на Европскиот ден на правдата, посочуваат, говориме за уште една силна потврда за напредокот во имплементацијата на реформите и европските стандарди во областите владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупција. - Денеска, кога го одбележуваме Европскиот ден на правдата, може да се каже дека Владата продолжува цврсто и одлучно да работи на создавање на највисоки стандарди за владеење на правото и за работа на независниот правосуден систем. Тоа е воедно и единствениот начин да се чекори кон европскиот пат. Патот кој носи европски вредности и стандарди и подобар живот, објави Владата на нејзиниот фејсбук профил. цр/дма/

Остани поврзан