• петок, 22 ноември 2024

Влада Урошевиќ добитник на наградата „Антева златна книга“

Влада Урошевиќ добитник на наградата „Антева златна книга“
Скопје, 2 септември 2021 (МИА) - Книжевниот великан Влада Урошевиќ ја доби наградата „Антева златна книга“ за долгогодишни книжевни остварувања од интерес на македонската книжевност, култура и идентитет, за оваа година. Ова признание се доделува по потреба, само за највисоки книжевни остварувања кои се покажале конститутивни за македонската книжевна реч. Признанието првпат беше доделено во 2020-та година, на Михаил Ренџов. Наградата „Антева златна книга“ се состои од книга поетски ракописи од Анте Поповски во кожен повез, испишани со неговиот оригинален ракопис. Од тимот на „Антево перо“ во своето образложение посочуваат дека Влада Урошевиќ е магистрална фигура на македонската книжевност, полиграф кој постави високи стандарди во нашата книжевна реч и повлече изохипси кои не се надминати во поезијата, прозата и есејот. -Урошевиќ е клучна фигура без која не може да се замислат модернитетот и постмодернитетот на македонската поезија, особено преку неговиот интерес за севкупните поетски светски искуства, специјално од симболизмот до надреализмот и авангардата. Без него македонската поезија ја губи својата космичка димензија и дослухот со европскиот поетски сензибилитет, појаснуваат во соопштение. Како што посочуваат, Урошевиќ е предок и на постмодерниот македонски расказ и роман, а со последните романи остварува специфична хибридна поетика карактеристична за највредните светски прозни остварувања. Урошевиќ е и загадочен есеист од галаксијата на Борхес, што сѐ заедно, од него прави носечки столб на македонскиот книежевен пантеон денес. бт/ац/

Остани поврзан