• петок, 22 ноември 2024

Владата усвои Одлука за учество во солидарниот фонд на ЕУРОКОНТРОЛ со износ од 213.736 евра

Владата усвои Одлука за учество во солидарниот фонд на ЕУРОКОНТРОЛ со износ од 213.736 евра
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) - На предлог на Министерството за транспорт и врски, на денешната седница Владата усвои Одлука за учество на Република Северна Македонија во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд и Доброволниот привремен солидарен фонд на ЕУРОКОНТРОЛ (Европска организација за безбедност во воздушната пловидба) со износ од 213.736 евра. Согласно Одлуката, Северна Македонија учествува во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија со износ од 105.396 евра и Доброволниот привремен солидарен фонд за поддршка на Естонија, Латвија, Литванија и Полска со износ од 108.340 евра, за обезбедување на средства за трошоци за одржливо функционирање на давателите на услуги на навигација на Украина, Молдавија, Естонија, Латвија, Литванија и Полска за 2022 година, се вели во соопштението на Владата. Како резултат на последиците кои ги донесе војната во Украина, се вели во соопштението, на последната седница од Привремениот совет при ЕУРОКОНТРОЛ во јуни беа формирани овие солидарни фондови за поддршка со намена за одржување на трошоците за оперативниот кадар на контролите на летање на овие земји за 2022 година, односно обезбедување на континуитет на некомерцијалните јавни услуги за воздухопловна навигација. - Можноста за учество во фондовите е преку надоместоците за прелети кои се наплатени од ЕУРОКОНТРОЛ во име на Република Северна Македонија или директен придонес (донација) од државите во фондовите, информираат од Владата. сх/нд/

Остани поврзан