• петок, 22 ноември 2024

Владата на Јанша го преживеа гласањето недоверба во парламентот

Владата на Јанша го преживеа гласањето недоверба во парламентот
Љубљана, 15 февруари 2021 (МИА)  - Словенечкиот Парламент вечерва не и изгласа недоверба на владата на премиерот Јанез Јанша, бидејќи предлогот на опозицијата беше поддржан од само 40 пратеници, што беше за шест помалку од потребниот број. Против изгласување недоверба на владата со тајно гласање се изјаснија седум пратеници во 90-члениот парламент, шест гласа беа неважечки, додека мнозинството пратеници во владеачката коалиција беа воздржани, пренесе СТА. Во текот на целодневната расправа во парламентот, опозицијата тврдеше дека го доставила предлогот заради воспоставување демократија во Словенија, која, како што проценуваат, под водството на Јанша се лизга кон автократија. Опозицијата ја обвини владата дека не ги почитува основните принципи на Уставот на Словенија, вклучувајќи ја и поделбата на власта и слободата на печатот и за загрозување на остварувањето на човековите слободи и владеењето на правото во земјата. Јанша во својот говор кажа дека неговата влада направила многу повеќе од претходната и покрај тешката епидемиолошка состојба и го нарече предлогот за недоверба „деструктивна фарса“. сд/

Остани поврзан