ВИ што може да го прикрие акцентот на вработени во центрите за повици
- Вработените во овие одделенија може да минат и месеци вежбајќи поубаво да комуницираат со клиентите чиј мајчин јазик и култура се разликуваат од нивните, но и со таквите обуки, нагласокот честопати повторно е пречка
Лос Анџелес, 22 септември 2023 (МИА) - Компанија со седиште во американската сојузна држава Калифорнија создаде вештачка интелигенција (ВИ) што го прикрива нагласокот на вработените лица во одделенијата за повици и информирање, со цел намалување на предрасудите и дискриминацијата.
Шарат Нарајана е еден од основачите на „Санас АИ“, чија технологија може да го прилагоди начинот на којшто звучи говорителот, со цел акцентот да биде прифатлив. Разликата може да биде суптилна, но Нарајана истакнува дека им помага на вработените да избегнат злоупотреба, пренесува „Гласот на Америка“.
- Во глобалната економија, на јавувањето до центарот за телефонски повици понекогаш веројатно ќе одговори и лице од подалечен дел на светот. Вработените во овие одделенија може да минат и месеци вежбајќи поубаво да комуницираат со клиентите чиј мајчин јазик и култура се разликуваат од нивните, но и со таквите обуки, нагласокот честопати повторно е пречка, појасни Нарајана.
Како што вели тој, секој ден од нивниот живот има барем по неколку случаи кога се соочуваат со одреден степен на дискриминација, а понекогаш и вистинска злоупотреба. Од друга страна, противниците и скептиците велат дека така се потиснува и се губи различноста меѓу луѓето.
- Не е дека се обидуваме да го скриеме фактот дека одредена личност е од Индија или дека онаа личност е од Филипините. Но, таа личност би звучела појасно, самоуверено и толку посвежо, што другата личност ќе сака да разговара со неа / него, вели управителот.
И самиот Нарајана порано работел како човек зза информации по телефон и, иако не го оправдува однесувањето на оние што се јавуваат, вели дека разбира за што се работи.
- Кога ќе слушнат нагласок, првото нешто што го гледам е недоверба во таа личност (која одговара на повикот). Оној што се јавува размислува на следниов начин: „Толку долго чекав да го решам овој проблем. Сега сум поврзан со некој со кого не 'се сложувам' или со чиј говор не може да се поврзам. Може ли таа личност да ми го реши проблемот“, вели Нарајана.
Социологот Анеш Анеш, од друга страна, стравува од дехуманизирачки трендови во технологијата, како и бришење на различноста.
- Поголем дел од нашата комуникација е посредувана од некоја технологија. Но, кога технологијата ќе почне да го менува нашиот акцент, таа нѐ претвора во свој аватар (олицетворение, б.п.). Во крајна линија, тогаш разбирањето не се развива меѓу луѓето, туку тоа е деловна трансакција во чувство дека бизнисот мора функционално да се прилагоди, објаснува Анеш.
Нарајана вели дека ВИ „Санас“ се користи по избор, и оти 97 отсто од вработените лица би го користеле секој ден, според нивното внатрешно испитување.
- Ако има технолошко решение за да не морам лично да го менувам начинот како звучам, но и за другиот да ме разбере најјасно, тогаш зарем тоа не е одлична работа, истакнува тој.
Се чини, како што се сложуваат познавачите, ВИ зема сè поголем замав во поврзувањето меѓу луѓето, и тоа на сè повеќе и сè поразлични начини. си/ссм/
Фото: Пиксабеј