Вицепремиерот Изет Меџити ја посети Медресата „Иса Бег“ во Скопје
- Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, во придружба на лидерите на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими, како и заменик-министерот за образование и наука, Љуљзим Алиу, ја посети Медресата „Иса Бег“ во Скопје, два дена по усвојувањето на законот за Медресата „Иса Бег“ од страна на Владата. Со оваа историска одлука, по повеќе од четири децении, ова верско средно училиште е формално вклучено во образовниот систем на Република Северна Македонија.
Скопје, 17 јули 2025 (МИА) - Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, во придружба на лидерите на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими, како и заменик-министерот за образование и наука, Љуљзим Алиу, ја посети Медресата „Иса Бег“ во Скопје, два дена по усвојувањето на законот за Медресата „Иса Бег“ од страна на Владата. Со оваа историска одлука, по повеќе од четири децении, ова верско средно училиште е формално вклучено во образовниот систем на Република Северна Македонија.
Владината делегација, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, била пречекана од директорот на Медресата, Ислам Ислами, поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир ефенди Фетаху, и скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили.
-Дојдовме тука за да констатираме и потврдиме дека се отстранува една неправда и дискриминација од минатото. Од сега, Медресата „Иса Бег“ ќе се третира еднакво како и секое друго училиште. Години наназад немавме одговор зошто дипломите на учениците што ја завршуваа оваа медреса не беа признати и зошто тие не можеа да се запишат на факултет. Со овој закон, таа неправда се отстранува. Раководството на медресата од сега ќе се фокусира на квалитетот на наставата и условите, бидејќи правните прашања се веќе решени. Сме во координација со претседателот на Собранието, Африм Гаши, овој закон да се стави во приоритет пред одморот или од септември, за медресата да функционира легално и да придонесе за зголемување на интересот и квалитетот, нагласи Меџити.

Поглаварот на ИВЗ, Шаќир ефенди Фетаху, оцени дека законот претставува круна на повеќе од 40-годишни напори.
-Сега медресата и нејзините ученици се изедначени со сите ученици од другите средни училишта во државата. Со усвојувањето на овој закон, се очекува значително зголемување на интересот за следење на наставата во ова училиште низ целата територија на Северна Македонија. Сите млади кои ќе одлучат да се школуваат во Медресата „Иса Бег“ сега имаат сигурност дека ќе можат да ги продолжат студиите на универзитети дома и во странство, рече тој.
Зеќирија Ибрахими објасни дека законот ќе има и ретроактивно дејство за поранешните генерации.
-И учениците што ја имаат завршено медресата претходно ќе имаат можност да ги полагаат дополнителните предмети што не биле дел од претходниот наставен план, а потоа да полагаат државна матура и да се запишат на универзитет, рече Ибрахими.
Посетата на медресата и објавувањето на веста дека ова верско средно училиште конечно ќе биде официјално признато, претставува значаен чекор кон образовна еднаквост и институционална интеграција на верското образование во државниот систем, со што се остварува едно одамна ускратено право. дма/аа/
Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање