• недела, 22 декември 2024

Викенд со полн интензитет на 15-то издание на „МакеДокс“

Викенд со полн интензитет на 15-то издание на „МакеДокс“

Скопје, 17 август 2024 (МИА) - Викенд-програмата на 15-то издание на „МакеДокс“ ги активира сите пет фестивалски локации. Во објектот Куршумли ан и на платото пред Музеј на Македонија се прикажуваат филмови од главната и краткометражната програма, во Сули ан се прикажува програмата на балканските кинотеки и студентските филмови, во МКЦ се одвива програмата за деца и млади, додека во „Лабораториум“ утре во 11 часот претпладне, ќе се одржи Мастерклас со Инеке Смитс и Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“.

Филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут со присутните ќе споделат како се запознале, нешто повеќе за својата заедничка љубов за луди земји, за својата соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики. Во текот на предавањето ќе прикажат и инсерти од своите досегашни филмски и радио проекти.

Во Куршумли ан на 16 август беше отворена програмата „Регион во фокус: Балкански кинотеки“. Привилегијата да ја отвори програмата ја имаше македонската Кинотека со филмови од нејзината архива. По тој повод како специјални гости на настанот беа поканети филмологот Илинденка Петрушева, една од основачите на Кинотеката на Македонија, и професорот по економски науки Љубомир Кекеновски. На настанот присуствуваа и дел од актуелната екипа вработени во Кинотеката.

Филмологот Илинденка Петрушева со низа детали и интересни сеќавања зборуваше за потребата да биде основана установа која ќе го собира, ќе се грижи и ќе го чува филмското богатство на државата. Таа истакна дека Македонија прва во однос на другите тогашни југословенски републики успеала да ја основа својата Кинотека во 1974 година, а истата почнала со работа во 1976 година, кога за прв директор бил именуван Ацо Петровски, филмски работник од Скопје. Во своето обраќање пред присутните професорот Љубомир Кекеновски изложи повеќе аспекти на значењето на филмското богатство што се чува во Кинотеката.

Програмата „Регион во фокус: Балкански кинотеки“ содржи архивски материјали на Словенечката кинотека, со три филма на Карпо Година, и на Југословенската кинотека, додека утре ќе бидат претставени Хрватскиот државен архив и Бугарскиот национален филмски архив.

Во главната програма на 18 август, во 21 часот, во Куршумли ан ќе биде прикажан документарниот филм „Архитектон“ (Германија, Франција, САД / 2024 / 98 мин.) на Виктор Косаковски. Станува збор за видеоесеј што ја промислува поврзаноста на човештвото со природата. Косаковски го користи пејзажниот дизајн на италијанскиот архитект Мишел де Лучи и преку кругот се осврнува на историјата и нејзините цивилизации, од 60-тата година по Христа до 2023 година, додека минатото и иднината се судруваат во фасцинантни кадри.

На платото пред Музеј на Македонија, утревечер во 20.30 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева. Шабан Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што ни го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето.

Во објектот Сули ан, утревечер, во терминот од 22.30 часот, ќе бидат прикажани студентските филмови „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓорѓиева, „Во минување“ на Луција Бркиќ и „Животот на даската“ на Леона Јариќ.

Под смоквата во Куршумли ан веќе почнаа да се одржуваат сесиите разговори со филмските автори кои се гости на фестивалот „МакеДокс“. Сесиите се отворени за јавноста и може да присуствуваат сите кои се заинтересирани да дознаат какви се патиштата за реализација на еден креативен документарен филм – од идеја до снимање, монтажа, постпродукција, премиера и дистрибуција споделени лично од филмските автори.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), на Фејсбук, Инстаграм, дневните видеохроники се на профилот на „МакеДокс“ на Ју тјуб, а може да се симне и фестивалската апликација. дма/

Фото:  „МакеДокс“

Остани поврзан