Викендов во Скопје почнува Европското одбојкарско првенство за јуниорки
- Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) од сабота до 4 септември ќе биде домаќин во Скопје на Европското првенство до 19 години во женска конкуренција.

Скопје, 25 август 2022 (МИА) – Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) од сабота до 4 септември ќе биде домаќин во Скопје на Европското првенство до 19 години во женска конкуренција.
Македонската јуниорска женска одбојкарска репрезентација ќе игра во групата А заедно со Финска, Грција, Италија, Полска и Словенија.
Во воведниот натпревар, в сабота со почеток во 20:30 часот, македонските одбојкарки за противник ќе ја имаат репрезентацијата на Финска.
Групата Б ја сочинуваат Хрватска, Романија, Србија, Швајцарија, Холандија и Турција.
Натпреварите ќе се играат на две локации, во СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“. ег/мд/