• недела, 22 декември 2024

Вештини за професионален развој и активизам стекнале млади Роми во акција во училиштето „Шаип Јусуф“

Вештини за професионален развој и активизам стекнале млади Роми во акција во училиштето „Шаип Јусуф“

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Вештини за професионален развој и активизам стекнале 120 млади Роми со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности и во соработка со образовниот центар „Генијалци“, преку организираната младинска акција во средното училиште „Шаип Јусуф“ во Скопје.

Во рамки на акцијата биле доделени сертификати на младите кои учествувале на сесии по англиски јазик, компјутерски науки и активизам.

Како што соопштија од Канцеларијата на УСАИД, на настанот присуствувала Марија Лонџи, координатор за развојна помош од Канцеларијата за координација за американска помош за Европа и Евроазија.

-Работењето со млади луѓе како вас е една од најважните работи што ги правиме, а поддржувањето на ваков тип активности е поддршка за вашата иднина. Со претворање на вашите идеи во акција, вие влијаете на вашите животи, вашата заедница и земја. Треба да бидете многу горди на сè што сте направиле, истакнала Лонџи.

Со грантот од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, образовниот центар „Генијалци“ има цел да поттикне младински активизам и да ги подготви младите за подобри кариерни можности, со тоа што ќе им овозможи образование за социјални предизвици, промоција на граѓанско учество и ќе ги охрабри да бидат двигатели на позитивни промени.

Програмата исто така вклучува учество на поранешни учесници, помагајќи им да стекнат основни јазични, дигиталнии практични вештини за подобри можности за вработување.

Директорот на средното училиште „Шаип Јусуф“, Доан Сулејманоски, истакнал дека е горд на нивните ученици „за нивниот ентузијазам, посветеност и иновативност“.

-Со новостекнатите „меки“ и јазични вештини, на овие млади луѓе им се отвораат нови врати и можности за личен напредок и развој на нашата заедница, изјавил  Сулејманоски.

Во соопштението се наведува дека младите Роми со оваа иницијатива стекнале вештини и изградиле самодоверба за да преземат акција, да се вклучат во процесите на носење одлуки и да помогнат во градењето одржливи заедници. За време на настанот, матурантите од средното училиште „Шаип Јусуф“ имале можност да присуствуваат на индивидуални сесии за кариерно советување.

Овие иницијативи се организирани во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младински образовен форум, и се овозможени со поддршката на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД). хс/нд/

Фото: Канцеларија на УСАИД 

Остани поврзан