• понеделник, 23 декември 2024

Весиќ: Граѓаните на Косово со српска лична карта можат да добијат ИД број и да работат во Северна Македонија и Албанија

Весиќ: Граѓаните на Косово со српска лична карта можат да добијат ИД број и да работат во Северна Македонија и Албанија

Белград, 9 март 2024 (МИА) - Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ посочи дека „сите граѓани на Косово, како составен дел на Србија, без разлика на националноста, доколку имаат српска лична карта, можат да ги користат поволностите од договорот во рамките на Отврен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Косово и Метохија е составен дел на Србија и сите граѓани на тој дел од земјата, без разлика на националноста, се државјани на Србија и можат да ги искористат сите предности од договорот што Србија го потпиша со Северна Македонија и Албанија, истакна Весиќ за Косово онлајн и објасни дека секој што има српска лична карта може да добие Идентификационен број и да работи во Северна Македонија и Албанија без никакви дополнителни документи.

-Секој граѓанин на Србија, кој живее на Косово, со српска лична карта, може да ги искористи сите предности на нашата регионална интеграција. Ова важи и за Албин Курти. Доволно е, ако нема, да извади личната карта, а еден ден, кога не ќе е премиер, ќе може да работи во Тирана, без никакви пречки, нагласи Весиќ.

Тој потсети дека суштината на „Отворениот Балкан“ е да се отстранат сите пречки за да се воспостави слободен проток на луѓе, стоки и капитал и забележа дека тоа е токму спротивното од она што го прави владата во Приштина на чело со Албин Курти.

-Го затвора пазарот во Косово и Метохија, обидувајќи се да се изолира од Србија и да создаде гето, за Србите во Космет, но и за Албанците кои живеат на Косово и Метохија. Суштината на регионот е поврзаноста, секој да може слободно да патува, сите да напредуваме економски, а не поради некакви политички причини или болна желба за етнички чисто Косово, казнување на Србите, а во исто време и на Албанците изјави Весиќ.

Тој посочи дека една од најважните работи во неговиот ресор, а во рамките на „Отворен Балкан“, е системот на интегрирана наплата, кој од минатата година успешно функционира меѓу Србија и Северна Македонија.

Весиќ додаде дека се работи и на воспоставување зелени коридори, за камионите од овие три земји да можат непречено да минуваат од една во друга, преку посебни коридори, со што се елиминираат дополнителните трошоци и се овозможува подобра соработка. об/мд/

Остани поврзан