• вторник, 24 декември 2024

Весели: Само галама и ароганција во првите 30 дена владеење на Курти

Весели: Само галама и ароганција во првите 30 дена владеење на Курти
Приштина, 5 март 2020 (МИА) – Лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели вели дека Владата на Албин Курти во првите 30 дена од преземањето на должноста не покажа никакви резултати, освен промашувања, а „галамата и ароганцијата“ станаа нејзини „средства за правдање на неработењето“. Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во осврт на својата страница на Фејсбук, Весели ја обвини новата косовска Влада дека во овој краток период бесмислено го зголеми бројот на советници и именува роднини и партиски војници на јавни функции. - Во првите 30 дена на Владата на Курти, галамата и ароганцијата станаа средство за правдање на неработењето. Се кажуваат зборови само за да се избегне одговорноста пред граѓаните. Меѓутоа, владите се мерат според работата, а не според зборовите. Се намали бројот на заменици министри, но бесмислено се зголеми бројот на политички советници. Се вршат разрешувања без процедури, а им се даваат јавни задолженија на роднини и партиски војници, пишува Весели. Шефот на косовската опозиција го обвини Курти дека ги расипува односите со САД и Албанија, додека во исто време изразува добра волја кон Србија. - Наместо на Косово да му понуди безбедност и јакнење на меѓународните односи, се случува спротивното. Закана и ослабување на односите со САД. Нервоза во односите со Албанија и изрази на добра волја кон Србија, вели Весели. Тој потсетува дека во овие 30 дена владеење на Курти се случија и две повлекувања на признавањата на Косово. - Еден месец владеење, две повлекувања на признавањата на Косово. Тоа е огледалото на ова едномесечно владеење - галама, ризик и несигурност. Косово заслужува повеќе, напиша Весели. иа/гт/

Тагови

Остани поврзан