Верниците од Куманово ќе можат да присуствуваат на положувањето на крстот на неколку локации
- Од Кумановско-осоговската епархија повикуваат на масовно присуство на Светата литургија по повод празникот Богојавление.
Куманово, 16 јануари 2026 (МИА) - Верниците од Куманово ќе можат да присуствуваат на положувањето на Светиот крст на неколку локации, соопштија денеска надлежните од кумановско-осоговската епархија. По повод големиот христијански празник Богојавление, ќе се служи света литургија во храмовите на Кумановско-осоговската епархија, која започнува во 8 часот, а по завршувањето на богослужбата, ќе се изврши голем богојавленски водосвет, при што и Светиот крст ќе биде положен во водата.
-Значи, не можеме да кажеме точно време, но околу два часа од почетокот на Светата литургија, бидејќи настанот којшто го очекуваат голем број верници, е поврзан со самата литургија, која сепак е централниот настан на празникот. Најважно е сите православни христијани да присуствуваат на литургијата, заради што во оваа прилика и ги повикуваме да присуствуваат во храмовите на литургиската молитва, а потоа доброволно, некои од верниците влегуваат во осветената вода за да го изнесат крстот од водата. Ние во Црквата, во Куманово, не вршиме запишување и немаме евиденција колкумина верници ќе влезат во богојавленските осветени води, но секако, секоја година е голем бројот на заинтересираните за учествување во празничниот настан, па така најверојатно ќе биде и оваа година, изјави Протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски.

Оваа година во Куманово на празникот Богојавление, светиот крст ќе се положува во водите на неколку локации: во базенот во дворот на митрополитскиот соборен храм Свети Никола, каде што света архијерејска литургија ќе богослужи митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј. Во населбата Бедиње, во реката Кумановка, во базенот Асторија, во село Пчиња, во реката покрај црквата Свети Спас. Во село Тромеѓа, до црквата Св. Димитриј.

-Во оваа прилика на сите граѓани од христијанска вероисповед им го честитаме празникот со молитвени желби за мир и Божјиот благослов да ги исполнува душите и домовите во градот Куманово и насекаде, изјави Протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски.ам/
Фото: МИА архива