• понеделник, 25 ноември 2024

Венеција во првите 11 дена од воведувањето на таксата за туристите заработила речиси еден милион евра

Венеција во првите 11 дена од воведувањето на таксата за туристите заработила речиси еден милион евра

Венеција, 21 мај 2024 (МИА) - Венеција на 25 април воведе такса за луѓето кои доаѓаат на еднодневен излет во градот. Пробниот период за оваа такса опфаќа 29 дена во мај, јуни и јули - вклучувајќи ги и државните празници. Надоместокот моментално е пет евра и се однесува на дневните посетители, со исклучоци, вклучувајќи жители од регионот Венето, студенти и деца под 14 години.

Во текот на првите 11 дена, од 25 април до 5 мај, градот продал 195.000 билети и заработил вкупно 977.430 евра.

Износот во голема мерка ги надмина очекувањата, но сепак е помал од трошоците за поставување онлајн систем за резервации, информативни кампањи и проверки - кои, според „Кориере дела Сера“, чинат три милиони евра.

По пробниот период, таксата може да се зголеми на 10 евра дневно, а предвидени се и казни до 300 евра за оние кои ќе се обидат да го посетат градот без билет, пренесува „Еуроњуз“.

Мерката е воведена со цел да се намали бројот на посетители кои престојуваат само еден ден. Сепак, многу жители на Венеција ги критикуваа „билетите“ како неефикасни во контролирањето на бројот на посетители, додека го критикуваа градскиот совет дека не ги решил критичните прашања како што е домувањето.

Воведувањето на таксата на 25 април наиде на протести кај жителите и конфузија кај туристите. Едно од клучните недоразбирања беше тоа што, иако посетителите кои резервираа ноќевање во Венеција беа ослободени од надоместокот за дневно возење, тие сепак мораа да го пријават своето присуство на платформата за резервации.

Други сметаат дека веб страницата е тешка за навигација и дека купувањето билет е долготраен процес.

Жителите исто така беа лути, протестирајќи поради таксата, која, според нив, нема да има значително влијание врз намалувањето на бројот на посетители и избегнувањето на решавањето посуштински прашања како што е станбената криза. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан