• вторник, 05 ноември 2024

Велосипедско дефиле во Куманово по повод Eвропската недела на мобилност

Велосипедско дефиле во Куманово по повод Eвропската недела на мобилност
Куманово, 22 септември 2022 (МИА) - Велосипедисти и ученици од основни и средни училишта од Куманово, денеска низ централното градско подрачје возеа велосипед во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност. Манифестацијата ја организира Отсекот за превенција од СВР Куманово во соработка со општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот. Учениците и велосипедистите покажаа дека користењето на велосипедот како алтернативно средство го намалува загадувањето. Активноста има за цел да ја зголеми јавната свест за безбедноста во сообраќајот, да се намали сообраќајниот метеж и да се намали бројот на жртви и повредени лица во сообраќајни незгоди. - Денеска во соработка со ОСБСП и велосипедскиот клуб Вело-М Термалифт се организираше возење на велосипеди во присуство на полициски службеници низ централното градско подрачје, каде што покрај безбедноста на велосипедистите се промовира и велосипедот како алтернативно превозно средство со што не само што ќе придонесеме до безбедноста во сообраќајот туку и до поздрава животна средина, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска. Во Куманово веќе петта година се организира ваква манифестација. Во меѓувреме во училиштата има и едукативни работилници, разговори со граѓани и делење на едукативен материјал на критични и фреквентни локации во градот или во непосредна близина на училиштата. - Низ улиците на централното подрачје на Куманово возиме велосипеди, вело-дефиле, организирано од Отсек за превенција при СВР Куманово и ОСБСП преку Програмата за годишна работа на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Тука сме заедно денеска во партнерство со Вело-М Термалифт и училишните сообраќајни единици како главни возачи на ова вело-дефиле со учество на сите основни и средни училишта на подрачјето на општина Куманово, изјави Бојан Петковски од општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот. Во градот, велосипедски патеки има само на главните булевари „Трета македонска ударна бригада“ и на „Октомвриска револуција“. Дел од патеките, иако долги по неколку километри се зафатени од паркирани автомобили, а велосипедистите се жалат на неможност за возење велосипед. Во рамки на Планот за одржлива урбана мобилност (ПОУМ), којшто го реализира општина Куманово, во февруари годинава е избран консултант кој ќе изработи план за воведување на пешачка зона и зона на смирен сообраќај, но и повеќе велосипедски патеки. Во планот, како што претходно соопштија од Одделението за урбанизам, е предвидена кружна велосипедска патека која треба да почне од кружниот тек долж булеварот „Трета МУБ“ по што следи спојување со булеварот „Октомвриска револуција“ свртување кај „Стара Бања“ сè до „Октомвриска Револуција“, „Доне Божинов“ и „11 Октомври“ повторно до кружниот тек на влезот од Куманово. Ова е прв велосипедски коридор кој и во иднина треба да се развива. ам/сх/

Остани поврзан