• петок, 20 декември 2024

Величание на Богородичната икона „Достојно ест“ во Бигорски

Величание на Богородичната икона „Достојно ест“ во Бигорски
Дебар, 24 јуни 2022 (МИА) - Во присуство на голем број верници, традиционално и годинава Свештената бигорска Обител го одбележа 24 јуни, празникот на Пресвета Богородица, во чест на нејзината икона „Достојно ест“, која во овој божји храм пристигна кусо по пожарот на 30 септември 2009 година, кога пламените јазици целосно го пеплосаа Горни Палат. -Блескавата слава на вселената, непресушниот извор на милост и сострадание, мајката на светлината и надежта на народите, пречистата и пренепорочна Дева Марија и Богородица, денес радосно ја славиме, чествувајќи ја нејзината сечесна икона, наречена „Достојно ест“ и спомнувајќи си за чудото кога Архангел Гавриил му се јавил на еден монах во еден скит во Кареја на Света Гора и му ја испеал и ги запишал на камена плоча зборовите на небесната ангелска химна кон Пресветата „Достојно е навистина да те ублажуваме, Богородице, присноблажена и пренепорочна и мајка на нашиот Бог, рече отец Кирил. Милостивата, додава гледајќи нѐ собрани, монасите, монахињите, псалтите и верниците, во љубов и молитва околу својот сакан Старец, епископ Антаниски г. Партениј, штедро нè посети со својот мајчински благослов и нè прегрна со својата прегратка поширока од небесата, давајќи ни да ја предвкусиме нашата Небесна Татковина и радоста непропадлива. - Сеноќното бдение во чест на Заштитничката на монасите беше збогатено и молитвите удвоени од за нас радосното присуство на браќата монаси од манастирот на Светиот Великомаченик Пантелејмон во с. Нерези над Скопје. Со празничната Литургија чиноначалствуваше и тајноводеше нашиот Старец, во сослужение со браќата јеромонаси и почитуваниот и себлагоговеен протојереј Аљоша Коруноски, додава отецот. Според него, присуството и допирот на пресветата царица Богородица бил толку реален што ни едно срце не можело да остане рамнодушно на таа неовоземна убавина, на тоа необично торжество, на таа заедница на љубов, единство и радост. -Се радува соборот Бигорски што ја има сега твојата најчесна икона, наречена со името Достојно е Дево, со вера приоѓајќи, тебе те величаме, вели отецот. Светата Обител од пред тринаесет години  е удостоена со верна изобразба на светогорската чудотворна икона „Достојно ест“. -Оваа икона дојде во манастирот како благодатна посета од Мајката Божја, како најголема утеха веднаш после пожарот. Впрочем, требаше да стаса многу порано, но ете, по промисла на Богородица, се случуваше сè некакво одолговлекување, за на крај да дојде како утешителна роса и како прва радост после тагата од големото искушение за Манастирот. Дојде преку својата икона, за да ни каже дека е со нас, дека нема да нè остави, дека е посебна заштитница на монашкиот род, посочува отец Кирил. Според црковниот календар и преданијата на црквата на 24 јуни се празнува иконата „Достојно ест“ заради чудото кое се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996). вт/лв/

Остани поврзан