• сабота, 16 ноември 2024

Велика Британија најтешко погодена од коронавирусот во Европа, над 150.000 смртни случаи

Велика Британија најтешко погодена од коронавирусот во Европа, над 150.000 смртни случаи
Лондон, 8 јануари 2022 (МИА) - Велика Британија денеска пријави 313 смртни случаи од Ковид-19, со што вкупниот број починати од почетокот на пандемијата изнесува 150.057 лица, и ја прави земјата една од најтешко погодените во Европа. По неколку недели рекордни бројки на заразени со новиот сој Омикрон, во последните неколку дена, бројот на заразени опаѓа: податоците објавени од Владата покажуваат дека денеска за 24 часа биле пријавени 146.390 случаи.
Здравствената служба за Англија објави дека на 2 јануари повеќе од 39.000 болнички работници отсуствувале од работа затоа што морале да бидат изолирани поради инфекција или биле во контакт со позитивно лице, што е за 59 отсто повеќе од една недела порано, а трипати повеќе отколку на почетокот на декември.
Повеќе од 4.700 луѓе не дојдоа на работа во болниците во Лондон, кој е центар на новиот бран на инфекции.
Во петокот, британската Влада објави дека стотици воени лекари биле испратени како засилување во британските болници и службите за итни случаи за да го надополнат растечкиот недостиг на персонал.
Околу 1.800 воени лекари и медицински сестри веќе се распоредени низ Обединетото Кралство за поддршка на кампањите за вакцинација и службите за итни случаи.
Премиерот Борис Џонсон воведе нови ограничувања за спречување на ширењето на вирусот - работење од дома и носење заштитна маска, а смета и на вакцинацијата и следење на контактите на заразените. паг/
   

Остани поврзан