• петок, 22 ноември 2024

Велешките атлетичари и рекреативци од локалната власт бараат реновирање на  атлетската патека на Градскиот фудбалски стадион

Велешките атлетичари и рекреативци од локалната власт бараат реновирање на  атлетската патека на Градскиот фудбалски стадион

Велес, 24 март 2023 (МИА) - Велешките атлетичари и рекреативци од локалната власт со години наназад бараат итно реновирање на атлетската патека и поставување нова тартан подлога. Сегашната патека е стара 40 години и целосно е руинирана и не е возможно на неа да се трча, тренира и подготвува за претстојните домашни и меѓународни натпревари, велат за МИА атлетичари од АК „Велес“ и АК„Изгрев“. Тие од локалната власт бараат целосно реновирање на  старата и целосно руинирана и неупотреблива атлетска патека која е во склоп на Градскиот фудбалски стадион „Зоран Паунов“ изградена во сега далечната 1982 година.

-Изминативе години за тоа добиваме само ветување од локалната власт и Агенцијата за млади и спорт дека атлетската патека ќе се реновира, но засега се е оставено само на ветување, велат револтираните атлетичари од АК „Велес“ и останатите клубови.

Вакви ветувања дека ќе се реновира атлетската патека , како што истакнуваат атлетичарите, добиле и за време на целосното реновирање на Градскиот фудбалски стадион што беше со финансиска поддршка на Агенцијата за млади  и спорт.

Фудбалскиот стадион  се реконструираше пред две години, но не и атлетската патека, која и понатаму пропаѓа и не е употреблива за трчање, се жалат атлетичарите.

Како алтернатива атлетичарите и бројните рекреативци во Велес за трчање ја користат тврдата бехатон патека во Градскиот парк.

-Трчаме секојдневно и по неколку часа и тренираме за претстојните  натпревари и првенства, но по тренинзите на бехатон патека болат нозете, затоа од локалната власт и Агенцијата за млади и спорт бараме што поскоро  да се реновира атлетската патека  и така да ни  овозможат подобри услови за тренинзи, бараат велешките атлетичари.

Инаку во изминатава година со тартан подлога локалната власт целосно  реконструира  повеќе кошаркарски и други игралишта во Велес и околината.

-Но за жал, таа не најде средства  да се постави нова  тартан подлога и на Атлетската патека на Градското фудбалски стадион, велат со револт велешките  рекреативци и атлетичари, а  кои се меѓу најуспешните на сите домашни и меѓународни натпревари и маратони. ад/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан