• понеделник, 23 декември 2024

Велешкиот театарски ансамбл со „Едвард Втори“ ќе настапи на „Охридско лето“

Велешкиот театарски ансамбл со „Едвард Втори“ ќе настапи на „Охридско лето“

Велес,14 јули 2023 (МИА) - Театарскиот ансамбл на велешкиот Театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ на 6 август претставата „Едвард Втори“ во режија на Андриј Жолдак ќе настапи на годинешното 63. „Охридско лето“.

Директорот на велешкиот Театар, Сашо Димоски информира за МИА дека претставата е копродукциски проект на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константиов-Џинот“ и Драмскиот театар Н.О Масалитинов од Пловдив, Р.Бугарија.

Како што пишува  режисерот Андриј Жолдак во писмената објава на програмата за 63 то „Охридско лето“, оваа претстава има неколку различни насоки: главната насока е приказната за „Едвард II“ во драмата на Марлоу, проследена од „Ричард II“ од Шекспир.

-Темите на главната драма кои се интересни за мене и за кои зборуваме се: односот татко и син, во отсуство на мајката, мотивите на моќта и луксузот а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност. Исто така, бракот на Едвард и создавањето семејство…и некомпатибилноста. Понатаму, промената на сексуалната ориентација на Едвард и неговата страсна љубов кон мажите. Смртта на таткото, на кралот, а со тоа и исчезнувањето на сите бариери и пречки за синот. Есенцијално е и лудилото на напуштената жена – сопругата и кралицата и планот да се убие сопругот. Исто така, темнината на човечката психа, психолошките и сексуалните односи помеѓу луѓето. Сепак, крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година, појаснува Жолдак.

Потсетува дека после постановките на „Електра“ и „Соларис“ во МНТ, „Едвард II“ е негова трета претстава со македонски актери.

- Токму кај нив ме фасцинира нивната отвореност кон театарот и нивната желба да живеат, појаснува режисерот Андриј Жолдак.ад/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан