• петок, 22 ноември 2024

Велески: Во тензично и време со економски, здравствен и политички притисок мора да се активираат личниот баланс и приоритетите

Велески: Во тензично и време со економски, здравствен и политички притисок мора да се активираат личниот баланс и приоритетите
Прилеп, 23 јули 2022 (МИА) - Економската криза, здравствената криза со коронавирусот и политичките тензии создаваат притисок кај граѓаните и психосоцијални стресови. Битно е луѓето да го активираат личниот баланс и да ги одредат приоритетите, истакна клиничкиот психолог од Општата болница во Прилеп, Јован Велески, нагласувајќи дека во вакво жешко и тензично лето битна е грижата за психофизичкото здравје. -Сите овие ситуации секако дека создаваат притисок, бидејќи ова не се само лични, туку и психосоцијални стресови со кои се зафатени цели региони, па и целиот свет. Интервенциите во овие психосоцијални стресови се истите како и при индивидуалното згрижување на стресот. Реакциите се идентични: има колапси, декомпензации, и на општествените системи и на индивидуата како единка. Овие состојби се најавени од многу одамна. Во една книга на Светската здравствена организација од почетокот на 90-тите од минатиот век, нагласено е дека имаме брзо темпо на живеење, динамика во која биолошкиот часовник на луѓето не се синхронизира подеднакво со социјалните превривања што се појавуваат, анализира Велески. Нагласува дека во вакви тензични ситуации, битен е балансот и човекот да ги одреди своите приоритети. - Балансот секогаш се состои во неговата телесна кондиција, во психичката ефектива и се разбира можностите кои ги поседува. Значи, тој баланс треба да се активира. Да знае кои се сопствените приоритети, редовно да си ги следи своите здравствени состојби, да види како ја троши психичката енергија, дали се заморува или не, да си одреди време за одмор, за рекреација бидејќи овој систем е трка по пари, значи неолиберализам во кој правилата не постојат. Светот во 21 век е свет на брутално однесување во однос на хуманоста, но верувам дека секој може да си го постигне телесниот, духовниот и материјалниот баланс, доколку го сака тоа, заклучува клиничкиот психолог Јован Велески од Прилепската болница. ем/рп/

Остани поврзан