• четврток, 26 март 2026

Василевска: Со засилена активност и сплотеност кон реафирмирање на толеранцијата и мирот

Василевска: Со засилена активност и сплотеност кон реафирмирање на толеранцијата и мирот

Скопје, 10 октомври 2025 (МИА) - Пратеничката Иванка Василевска учествуваше на 13. Пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир, која се одржа во Нџамена, каде домаќин беше Националното собрание на Чад.

Како што информира собраниската прес-служба, настанот ги собра парламентарните лидери, пратеници и делегати од целиот свет за да разменат идеи, да го промовираат практикувањето на мирот и да ја потврдат заедничката посветеност на овие универзални вредности.

Василевска изрази чест и задоволство што е дел од настанот, и истакна дека живееме во времиња на промени кога повторно се реактуелизираат старите парадигми за значењето на мирот кој е под закана на агресиите на тероризмот и глобалните предизвици за справување со истите.

Таа се осврна и на прашањето за миграциите, светската сиромаштија и заштитата на животната средина. Притоа, истакна дека е неопходна проактивна и засилена активност и сплотеност за превенција од модерните закани и реафирмирање на толеранцијата и мирот.

Меѓународниот парламент за толеранција и мир претставува парламентарен орган на Глобалниот совет за толеранција и мир, составен од членови на парламенти од над 100 национални и регионални парламенти ширум светот. Овој Парламент е витална платформа за унапредување на принципите на мир, толеранција и дијалог меѓу парламентите и народите ширум светот. мч/дма/

фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан