• вторник, 24 декември 2024

Варвициотис: ЕУ да биде доследна и кредибилна во обврските кон Западен Балкан

Варвициотис: ЕУ да биде доследна и кредибилна во обврските кон Западен Балкан
Атина, 22 септември 2021 (МИА) - Потребата, Европската Унија да биде доследна и кредибилна во обврските за Западен Балкан и подготвеност Грција да преземе конструктивна улога во интегративниот процес на регионот, изрази алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис на средба со европскиот комесар за проширување и соседство Оливер Вархеји, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи. Како што јави дописничката на МИА од Атина, Варвициотис уште еднаш ја повторил цврстата поддршка на Грција за проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, а го информирал еврокомесарот Вархеји и за иницијативата од минатата среда во Солун, кога Западен Балкан беше вклучен во дијалогот за иднината на Европа. Според Кабинетот на Варвициотис, Вархеји изјавил дека е особено задоволен од грчката иницијатива и ја поздравил активната улога на Грција во промоцијата на европската идеја на Балканот. - На комесарот Вархеји денеска му потенцирав дека Грција цврсто ја поддржува ЕУ перспективата на Западен Балкан. ЕУ треба да биде доследна и кредибилна кон нив. Ќе продолжиме, на нашите соседи да им ја промовираме европската идеја, бидејќи ЕУ е посилна кога е обединета, напиша Варвициотис на неговиот официјален Твитер профил. Еврокомесарот за проширување и соседство, исто така на Твитер му се заблагодари на алтернативниот шеф на грчката дипломатија, за како што нашиша, добрата дискусија и додаде дека ќе работат заедно на нивните приоритети. ср/сп/

Остани поврзан