• недела, 22 декември 2024

Валенти повеќе не е тренер на Брера

Валенти повеќе не е тренер на Брера

Струмица, 5 декември 2023 (МИА) - Управата на македонскиот фудбалски прволигаш Брера Струмица денес спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб Џовани Валенти.

Раководството на клубот на овој чекор се одлучи поради неисполнетите очекувања на тимот во Првата македонска фудбалска лига од стартот на сезоната.

- Сакам да му се заблагодарам на господинот Валенти и неговите соработници за посветената работа во изминатите месеци. Донесовме заедничка одлука се во интерес на клубот. Нам сега ни преостанува што подобро да се подготвиме за последниот натпревар со екипата на Шкупи но и со предизвиците за вториот дел од сезоната. Јавноста наскоро ќе биде информирана околу изборот на новиот тренер. Во последниот натпревар со Шкупи како вршител на должноста тренер екипата ќе ја предводи некогашниот тренер на првиот тим Ѓорги Стојчев, вели генералниот директор на клубот Јован Симиќ

Заедно со Валенти од клубот си заминуваат и асистентот Микеле Кавали како и тренерот на голманите Алесандро Пегорари.

Четириесет и седумгодишниот Валенти кој во Италија има работено со младински погони на повеќе калчолигаши но и младите репрезентации на Италија, во Брера Струмица пристигна во јуни годинава. Под негово раководство Џовани Валенти забележа пет победи исто толку нерешени исходи и седум порази.

АП Брера со 20 бода се наоѓа на 8. позиција на прволигашката табела. зс/

Фото: АП Брера

Остани поврзан