• недела, 22 декември 2024

Валас: Би било фантастично да станам генерален секретар на НАТО

Валас: Би било фантастично да станам генерален секретар на НАТО

Лондон, 18 мај 2023 (МИА) - Британскиот министер за одбрана Бен Валас изрази интерес да го наследи генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој ќе се повлече од функцијата во септември, јави ДПА.

-Отсекогаш сум велел дека тоа ќе биде добра работа. Тоа е работа во која би уживал, изјави Валас за ДПА во Берлин.

„Меѓутоа, ја сакам и мојата сегашна професија. Мислам - да бидам министер за одбрана во британската Влада во време на реформи и инвестиции, исто како Борис Писториус“, додаде Валас.

Британскиот министер за одбрана вчера се сретна со својот германски колега.

Валас кажа дека е „воодушевен“ што по 30 години кратења, парите сега се враќаат во одбрана.

-Генерален секретар на НАТО – тоа е фантастична работа, исклучително важен дел од безбедноста на сите нас. Сепак, не сум јас тој што одлучува. Тоа зависи од сите други сојузници“, продолжи британскиот министер за одбрана.

Последниот мандат на Јенс Столтенберг беше продолжен за да се обезбеди стабилност на Алијансата во услови на руската инвазија врз Украина.

Земјите-членки обично зад сцената се договараат кој ќе биде следниот шеф на НАТО, забележува ДПА.

Неодамна британскиот весник „Сан“ напиша дека во трката за ова апрестижна функција учествува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е поранешна министерка за одбрана на Германија. Меѓутоа, таа експресно ги отфрли ваквите наводи. сд/

Остани поврзан