• петок, 22 ноември 2024

Бурата „Фреди“ усмрти над 60 лица во Мозамбик и Малави

Бурата „Фреди“ усмрти над 60 лица во Мозамбик и Малави

Мапуто, 13 март 2023 (МИА) - Тропската бура „Фреди“ во текот на викендот предизвика смрт на повеќе од 60 лица и повреди други десетици во Мозамбик и Малави, во вториот налет на истата бура што ја погоди јужна Африка во последниот месец.

Светската метеоролошка организација смета дека бурата „Фреди“ е една од најсилните што некогаш биле регистрирани на јужната хемисфера и може да биде најдолготрајниот тропски циклон.

Таа го погоди центарот на Мозамбик во саботата. Голем број куќи останаа без покриви, а областа околу пристаништето Келиман доживеа големи поплави, по што бурата се упати кон Малави со поројни дождови што предизвикаа лизгање на земјиштето.

Целосниот обем на штетата и точниот биланс на жртвите, особено во Мозамбик, се уште не се јасни бидејќи нема струја или телефонски сигнал во делови од погодената област.

Бројот на загинати од циклонот „Фреди“ во Мозамбик, Малави и Мадагаскар, откако за првпат дојде на копното минатиот месец, сега изнесува приближно 100.

Гај Тејлор, официјален претставник на УНИЦЕФ во Мозамбик, во Келиман изјави дека хуманитарните служби немаат доволно капацитет да се справат со последиците од вака голема катастрофа.

Во последните четири недели, Мозамбик имаше врнежи како за цела една година.

Малави се бори со најсмртоносната епидемија на колера во својата историја, а агенциите на ОН предупредија дека ситуацијата може да се влоши. сд/

 

 

Остани поврзан