• петок, 14 февруари 2025

Бунтовниците од М23 стигнаа до стратешкиот аеродром во градот Букаву во источниот дел на ДР Конго

Бунтовниците од М23 стигнаа до стратешкиот аеродром во градот Букаву во источниот дел на ДР Конго

Киншаса, 14 февруари 2025 (МИА) - Бунтовниците од конгоанската вооружена група М23 поддржана од Руанда, кои заземаат територии во источниот дел на ДР Конго, денеска стигнаа до стратешкиот аеродром Кавуму, кој го опслужува главниот град на провинцијата Јужен Киву, Букаву.

Според портпаролот на групата, борците на М23 воспоставиле контрола врз аеродромот и неговата околина.

На пат кон аеродромот Кавуму, бунтовниците зазедоа два града - Кабамба синоќа и Катана утрово.

На крајот на минатиот месец М23 веќе воспостави контрола над главниот град на Северен Киву - Гома, најголемиот град во источниот дел на земјата.

Во меѓувреме, претседателот на ДР Конго, Феликс Цисекеди замина за Германија за да учествува на Минхенската безбедносна конференција, соопшти денеска Претседателството.

Се очекува вечерва тој да замине за главниот град на Етиопија, Адис Абеба. Таму Цисекеди ќе учествува на годишниот состанок на Африканската унија, закажан за сабота и недела.

Ситуацијата во Демократска Република Конго ќе биде главна точка на агендата на форумот. Агенцијата на ОН за бегалци изрази загриженост за „наглото влошување“ на ситуацијата во оваа африканска земја, истакнувајќи дека конфликтот оставил околу 350.000 луѓе без покрив над главата.

САД предупредија дека може да бидат воведени санкции за високи политичари од Руанда и Демократска Република Конго. Европската унија вчера се закани дека ќе ја замрзне помошта за Руанда. Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, сепак, продолжува да се спротивставува. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан